ХРИСТО ПЕТРЕСКИ: Кој губи има право да се лути
Скопје, 27.11.2023
Откако , заради немање на кворум, не се одржа Вонредното изборно собрание на ДПМ и не се избра претседател, некои од членовите на писателската асоцијација го нападнаа актуелниот претседател во оставка, Христо Петрески, заради обидот за целосно уништување на македонската писателска асоцијација формирана во 1947 година од Конески, Шопов, Јаневски, Митрев, Чашуле, Иљоски, Крле, Малески и Точко.
Петрески, со соопштение до јавноста, одговори:
„Најлесно е секогаш вината за сопствениот неуспех да се префрла на друг или други. Така било отсекогаш – кој губел и се лутел.
Но, Ве молам немојте да ги потценувате членовите на Друштвото на писателите на Македонија. Тие се возрасни, зрели и одговорни личности, па имаат право на сопствено одлучување, избор и однесување (поведение).
Та, зарем треба да им каже некој друг дали да дојдат и за кого да гласаат. Секој може да им сугерира и тоа е дозволено, но тие не се малолетни и самостојно донесуваат одлуки. Но, за да дојдат и да гласаат зависи и од кандидатите. Така е и на сите други избори. На сите избори се гласа за или против, а очигледно вчера многумина не дојдоа зашто не сакаа или не можеа да дојдат и да гласаат за или против самопредложените кандидати.
Сите гласачи имаат право на избор и свои фаворити и тоа е нивно легитимно право. Писателите кои живеат во нашава држава и писателите кои живеат во странство се рамноправни, односно имаат исти права и обврски. Вчера дојде и гласаше и еден писател кој живее во странство. Па, зарем требаше него да го нема во списокот на членовите и да не му се овозможи избирачкото право само затоа што живее во странство. Затоа и не треба да се отстрануваат писателите кои живеат во странство, зашто со тој чин тие би биле обесправени и неправедно отстранети, односно елеминирани.
Кога би дошле писателите од државава, не би било неопходно да допатуваат и од странство, зашто би имало кворум. Цензусот за избори и гласање е само 30% од вкупното членство, а тоа од сегашните 286 членови е само 96 членови.
Затоа, заинтересираните поединци и групи за да го преземат раководењето со Друштвото нека не губат време на преписки на Фејсбук и на другите социјални мрежи, туку нека анимираат кандидати со поголемо искуство, почит и рејтинг меѓу членството. А, ако и тие не можат да обезбедат присуство од сто членови, тогаш проблемот повторно е кај нив, а не кај некој друг. Та, зарем треба да гласаат помалку од 30% и нивните одлуки да бидат валидни?! Некои со право сметаат дека цензусот од 30% е пренизок и дека треба да биде 50%, за да има квалификувано мнозинство со барем еден глас повеќе од половината активни членови.
А, решението и на овој проблем, како и на сите други е содржано во Статутот на ДПМ. Сите редовни и активни членови имаат членски книшки и еднаш годишно плаќаат членарина. Членарината сега изнесува само 600 денари годишно, што е само 50 денари месечно. Кој нема платено членарина – тој не е легитимен и валиден член на Друштвото. Така пишува во Статутот и тоа треба и мора да се почитува. А, сега имаат платено само педесетина членови, кои според Статутот единствено и имаат право да гласаат и тие лесно и брзо ќе изберат раководство. Вака едни плаќаат а едни не, што е нечесно и нерамноправно, па членарината како да е доброволен прилог а не задолжителна статутарна обврска.
При приемот на новите членови на ДПМ посебно беше нагласено дека тие се обврзуваат да плаќаат членарина, што тие го прифатија и наведоа во своите молби за прием, но тоа мора и треба да го почитуваат и сите други примени членови во ДПМ.
Во претходниот период од цели 76 години, па и сега, се работи според Статутот на ДПМ и тој не смее да се прекршува. Тоа не значи дека постоечкиот Статут е совршен, на пример во него не е експлицитно наведено работењето и постапувањето по евентуалните оставки (како што беше неодамна) на членовите на Претседателството (дали може да се кооптираат други според бројот на добиените гласови, или мора да се избираат нови). Членовите на Претседателството ги избира Собранието, исто како што се избираат и Претседателот на ДПМ и Претседателот на Собранието на ДПМ. Оставките на членовите на Претседателството кои поднесоа оставки, па и мојата оставка како Претседател на ДПМ треба да ги потврди Собранието. Но, тоа вчера не се одржа поради немање кворум, па и нашите оставки не се прифатени, или одбиени.
До следниот избор на ново раководство на ДПМ, во ДПМ не смее да се прекине и згасне работниот процес и тековните активности. Во ноември беше планирано распишување на Конкурсот за прием на нови членови, а во декември на Конкурсот за годишните награди. Во октомври заврши Конкурсот за наградата Даница Ручигај и селекторот до ДПМ го достави името на добитничката на наградата, но тоа не е се уште соопштено поради изборниот процес кој заврши вчера.
Не е проблем да се одлучува за годишните награди за 2023 година и во текот на 2024 година, но најпрвин правниците треба да посочат за колку месеци по неуспешното Вонредно изборно собрание може да се закаже друго организирано според постоечкиот Статут, или најпрвин треба да се закаже и одржи Собрание за да се донесе нов Статут кој ќе овозможи и на одреден начин гарантира ново успешно Вонредно изборно собрание.
А, што се однесува до извештаите за мојата работа како претседател на ДПМ во изминатиот период сега и овде ќе кажам дека тие се јавни и објавени на страницата на ДПМ и се повеќе од 100 за периодот од 16 месеци, додека пак кога дојдов во ДПМ на сметката имаше 52.000 денари, а сега има 370.000 денари.
Најголем комплимент за мојата работа беше вчерашната изјава на писателот Петре Димовски од Битола кој кога влезе вчера во Друштвото рече дека не може да го препознае, поради новата надворешна блиндор врата, новиот ламинат, двете нови клими, фрижидерот, масата за состаноци, троседот за гости, новиот лаптоп, реновираното купатило, исчистените и свежо обоени простории и така натаму и така натаму. Тоа се факти. Секогаш може повеќе, но јас се вложив максимално себеси во расчистувањето и средувањето на Друштвото на писателите на Македонија кое со години пропаѓаше (посебно во периодот на пандемијата) во физичка, материјална, техничка и кадровска смисла, вели во соопштението Петрески