ИЈЗ: Да се оданочат засладените пијалоци и да се забранат реклами на производи со многу шеќер

Решавањето на проблемот со дебелината кај населението бара поширок и посуштински пристап. Треба да се воведат ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои поттикнуваат дебелината. Потребно е да има даноци на засладени пијалаци и забрани за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, за потрошувачите да можат да прават информирани избори за своето здравје.

Ова се само некои од предложените решенија на одговорните во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во борбата против дебелината.

„Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики“, наведено е во објавата на ИЈЗ.

Податоците на Институтот покажуваат дека 30,4 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8 отсто живеат со дебелина, а 4,4 отсто живеат со екстремна дебелина.

„Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни“, додаваат од ИЈЗ.

Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина. Таа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, дијабетес и рак. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман.

Мета пред извесно време спроведе анкета меѓу средношколците, која покажа дека која покажа дека средношколците на училиште најчесто јадат бурек, пециво или тост и дека дури 30 отсто речиси воопшто не се физички активни. Оттука произлегоа препораки од проф. Марко Арсовски, лиценциран фудбалски тренер и професор по спорт и спортски активности во стручното училиште „Михајло Пупин“, како и од проф. д-р Игор Спироски, началник на одделението за исхрана во Институт за јавно здравје и професор на Медицински факултет, кои рекоа дека родителите мора да се информираат подобро што јадат нивните деца-средношколци додека се на училиште, а препорачаа во училиштата да има автомати за храна која ќе биде нутритивно богата, како и во наставната програма по физичко образование да се даде акцент на вежби кои ќе го намалат трендот на дебелина и на појава на деформитети кај младите.

Населението во земајва внесува најмалку два пати повеќе сол во споредба со она што го препорачува СЗО. Внесот на сол преку белиот леб е карактеристичен поради тоа што тој леб преовладува во исхраната на нашето население и се покажа дека количините на сол во тој леб се меѓу повисоките, дури и во светски рамки.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе