Во Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за следната година се обезбедени средства за покачување на студентскиот оброк од 140 на 160 денари дневно, но студентите ќе одлучат дали повеќе сакаат да се реализира ова зголемување или пак да се прошири опсегот на студенти кои земаат оброк.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција на која го презентираше буџетот на МОН за 2025 година.
„Во овој момент имаме обезбедено средства за покачување на студентскиот оброк од 140 на 160 денари. Тие се обезбедени во буџетот. Треба уште еднаш да се сретнеме со студентите за да одлучиме дали ќе го зголемиме опсегот. Мислам дека во тој правец се оди – зголемување на опсегот, но во рамките на предвидените средства“, рече Јаневска во одговорот на новинарско прашање од Мета.мк.
„Ако студентите сакаат да го зголемиме опсегот, ние ќе го зголемиме опсегот. Ако не сакаат зголемување на опсегот, тие ќе добијат 160 денари оброк“, додаде таа.
Во однос на ваучерите од 250 евра за електронски уреди за студентите што ги најави Владата, Јаневска рече дека мерката не е под ингеренција на МОН, туку надлежни ќе бидат други министерства, меѓу кои и она за економија.
На денешната прес-конференција, Јаневска информираше и дека при крај е подготовката на законот за студентски стандард и дека очекува истиот да биде донесен до јуни.
Парите за студентски стандард за годинава се зголемуваат од 1,4 на 1,8 милијарди денари. Освен зголемување на правата како субвенциониран оброк, Јаневска кажа оти МОН се фокусира и на подобрување на катастрофалните услови во студентските домови.
„Два дома веќе се реконструираат и ќе се завршат до крајот на годината, а целиот процес со опфат на сите домови ќе заврши во текот на мандатот на Владата“, рече министерката.
Таа додаде дека во тек е и подготовката на нови закони за високо образование, за научно истражување, за национална рамка на квалификација на полиња, подрачја и области и дека овие закони ќе придонесат до значително подобрување на високото образование.
„Кога работните групи ќе бидат готови и ќе речат дека веќе ја имаат последната верзија, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе ги ставиме на ЕНЕР, ќе ги ставиме подолго од 20 дена колку што е законскиот рок, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, ќе бидат на увид и на студентите и сите граѓани. Доколку има потреба овој пат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе ги предадеме во владина и собраниска постапка“, кажа Јаневска.