ЈСП: Бесплатниот јавен превоз ќе важи и во јануари, студентите и пензионерите од утре може да ги продолжуваат билетите
Бесплатниот јавен превоз за студенти официјално ќе продолжи од први јануари, информираа попладнево од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје) за Мета.мк.
Ваквата информација доаѓа по низата објави (1,2,3) на Новинската агенција Мета за неизвесноста во која се најдоа студентите поради препирките помеѓу претпријатието и централната власт.
Освен студентите, одлучено е дека се продолжува бесплатниот јавен превоз и за пензионерите.
„Ќе продолжиме да ги заверуваме билетите за студентите и пензионерите. ЈСП Скопје ќе ја продолжува важноста на картичките и за наредната година“, велат од ЈСП во првата јавна информација од претпријатието во однос на овој случај.
Од таму додаваат дека денеска ќе испратат допис до центрите за персонализација на ЈСП оти билетите за овие две категории корисници на јавен превоз ќе може да се продолжуваат.
Мета.мк претходно денес објави дека четири дена пред крајот на годината, студентите во Скопје се оставени во неизвесност околу иднината на бесплатниот јавен превоз.
Додека Владата најави одлука за префрлање на средствата на 31 декември, од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје) немаше конкретни информации за тоа кога и како ќе се продолжува важноста на студентските билети, што можеше да значи дека од 1 јануари студентите ќе останат без бесплатен превоз на неодредено време.
И покрај ваквите изјави од Владата, студентите деновиве не можеа да ја продолжат важноста на своите билети за бесплатен превоз за наредната календарска година.