KOЧАНИ: Водата од Брегалничкиот систем потече по нивите, сеидбата на оризот со засилено темпо, ќе се наводнуваат 8.200 хектари

Кочани, 10.05.2021

Полето во плодната кочанска котлина одново заличува на големо езеро. Сеидбата на оризот се одвива со засилено темпо, водата ја има доволно за сите потреби, а земјоделците очекуваат добар род на познатото „бело злато“.

-За годинава имаме пријавено за наводнување 3.600 хектари под ориз, за другите култури ги очекуваме пријавите што ќе зависи од временските прилики. Цениме дека ќе ја имаме обврската вода да испорачаме до околу 4.500 хектари, вели Дени Митров директор на подружница  „Брегалница“.

Според Митров засега нема никакви проблеми со системот кој функционира а на терен се и работниците и машините не претпријатието. Првите води низ нивите во Кочанско поле потекоа на 15 април.

Всушност, водите од брегалничкиот хидромелиоративен систем годинава ќе наводнуваат околу 8.200 хектари од кои  вода за 3.700 хектари е наменета за нивите во Овчеполието.

-Нашата подружница има добиено барања за наводнување на околу 3.700 хектари плодни ниви. Во Овче Поле нивите се засеани главно со луцерка на која отпаѓа половина од пријавените ниви за наводнување, потоа лозјето, пченката, бостанот и некои други култури. Вода ќе има за сите потреби, ни изјави Дејан Серафимов, директор на подружницата „Свети Николе“ во истоимениот град.

Стојанчо Панов од Чешиново го затекнавме на оризовите ниви при сеење на белото злато. Ни изјави дека вода има за навемено да ги засее своите ниви. Но…

-Не сме задоволни пред се од фактот дека цената на ѓубривото се покачи за 150 денари по килограм, односно од 500 отиде на 650 денари. Растат цените и на другите препарати додека цената на оризот со години си стои на место. Мора по ова прашање нешто да се направи, ни рече Панов.

Инаку, браната Калиманци е преполна со вода, во неа се акумилирани 115 милиони кубни метри вода, а тоа е доволно земјоделците да си бидат на раат барем кога водата е во прашање.