KOЧАНИ: Директорувал само три дена
Кочани, 09.11.2017
- Ивановски директоруваше само три дена, но проблемот на хидромелиоративниот систем „Брегалница“ најмалку е во изборот на прв човек туку првенствено е во пропаѓањето на нешто многу значајно чија вредност е проценето на 2,5 милијарди евра.
Владо Ивановски од Свети Николе можеби го имаше најкраткото време на функцијата в.д. директор во Македонија. Тој на оваа позиција се најде во ЈП Водостопанство „Брегалница“ чие седиште е во Кочани. Одлуката ја имаше донесено Одборот на директори на ова ЈП. Ивановски го наследи разрешениот директор Николчо Гоцев. Промената се случи на 6 овој месец.
Но, само три дена подоцна, односно денес, Одборот на директори се премисли и за в.д.директор го назначи Добре Нисев од Кочани.
Не е познато која е причината за двете спротивни решенија на Одборот на директори донесени во рок од само три дена. Затоа пак познат е фактот дека на хидромелиоративниот систем „Брегалница“ со децении не му цветат рози. Пуштен во употреба во 1970 година, кога и Тито лично, на 10 јуни, дојде кај штипското село Крупиште за да ги види првите води кои потекоа од хидросистемот, во периодот на нашата самостојност, постојано пропаѓаше.
За период од 25 години независност на нашата држава, со нерационалното и нестручно раководење на хидромелиоративниот систем, со внесување многу политика а малку стручност, загубено е земјоделско производство вредно 1,5 милијарда евра!
Овој хидромелиоративен систем е граден да може да наводнува 25.000 хектари на потегот од Истибани-Виничко до Каратманово во близината на Велес. Но, годинава од водите на вештачкото езеро „Калиманци“, кое по капацитетот од 125 милиони кубни метри вода е второ по големина во државата, се наводнуваа одвај 7.000 хектари. Има анализи според кои секое од вкупно 63-те села до кои е изградена мрежата за наводнување, поради руинираноста и негрижата, годишно губат по еден милион евра, односно вкупно 63 милиони евра. За 25 години од нашата независност тоа е загуба на домашно земјоделско производство од 1,5 милијарда евра!
Овој податок говоди дека новата власт на тоа важно раководно место мора час побргу да постави стручна личност и раководен тим кој на хидромелиоративниот систем ќе му го врати вистинското значење.
Инаку, проценетата вредност на овој систем изнесува 2,5 милијарди евра, пари еднакви на просечен годишен буџет на Македонија за последната деценија.