Кочани, 16.04.2020
Во пресрет на велигденските празници, Мобилниот сервис за здравствени и социјални услуги и ангажираните лица во проектот Општинско корисна работа со поддршка од бизнис-секторот од Кочани обезбедија пакети со храна кои се дистрибуираат на лица во социјален ризик од подрачјето на општина Кочани.
Координаторите на мобилните тимови за поддршка во услови на пандемијата од коронавирусот соопштуваат дека веќе се распределени пакети во селата Бели, Оризари, Грдовци, Горни и Долни Подлог, а со оваа акција се опфатени селата во високиот дел од Осоговието. Од името на семејствата од Кочани кои ги добија овие пакети, тимовите упатуваат најискрена благодарност до хуманите стопанственици. Општинскиот кризен штаб од денешната седница упати повик до сите што се во можност да донираат храна, за да нема гладни за најголемиот христијански празник.
Оваа е уште една од неколкуте акции коишто се реализираат на подрачјето на општина Кочани на најранливите и исклучените групи, како едни од најпогодените во оваа здравствена криза. Пред една седмица пакети со храна и хиегиенски производи добија осумдесетина семејства во социјален ризик од Кочани.
Надлежните повикуваат да се почитуваат мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, со цел секој поединец да даде придонес за јавното здравје.
Неевидентираните земјоделци телефонски да се пријават
Земјоделците коишто не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности за време на велигденските празници, телефонски треба да се пријават во Општинскиот кризен штаб. Ова е еден од заклучоците на седницата што ја одржа Општинскиот кризен штаб – Кочани, според насоките дадени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Неевидентираните земјоделци треба да ја најават потребата за движење на телефонскиот број 075 317 795 најдоцна до петок, 17 април до 20 часот, за вршење на земјоделските активности за сабота, недела и понеделник, 18, 19 и 20 април 2020 г. При пријавувањето треба да остават лични податоци, телефонски број и да дефинираат точно време и место на извршување на активностите.
Важно е да се напомене дека Општинскиот кризен штаб нема да издава дозволи за движење, туку само ќе ги евидентира земјоделците што го пријавиле своето барање за непречено движење за извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до Одделението за внатрешни работи – Кочани.
На овој начин, оваа категорија граѓани ќе може да одговори на бројните потребни активности за овој период од годината, во земјоделско подрачје како што е Кочанско.
Љ.Ајтовска