KOЧАНИ: оштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај Грдовци

Кочани, 23.04.2024

Намерно оштетување на гумената брана на реката Брегалница е забележано утринава кај селото Грдовци. Оваа брана се користи за зафаќање на водата од најголемата река во Источна Македонија и наводнување на околните оризови ниви.

Оштетувањето го забележале вработени во водостопанство „Брегалница“, а браната била оштетена така што со остар предмет била исечена нејзината гумена обвивка во должина од околу половина метар по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

Стефче Стефанов, техничко лице во водостопанство „Брегалница“ изјави дека во изминатите седум дена имало шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот/сторителите успеал-е во намерата.

-Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме откривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Стефанов.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе