Напад врз внатрешни работи во синдикат е и кршење на Уставот

Доколку која било власт се обидува да се меша во внатрешните работи на синдикатите, работничките здруженија, сојузи, итн., тоа е мешање во уставното право на здружување во синдикати заради остварување на основното човеково право да си ги заштити економските права и слободи, пишува Вистиномер.

Во излагање на Бране Петрушевски на прес конференција за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов може да се детектира недоследност:

„СДС го постави Слободан Трендафилов на чело на ССМ. Тој молчеше додека на власт беа СДС, а сега глуми синдикалец. Слободан Трендафилов е избран за претседател на ССМ на еден крајно насилен начин, со изигрување на прописите. Трендафилов не можел да биде лидер на ССМ, бидејќи претходно не бил претседател на грански синдикат, туку секретар…“

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Б. Петрушевски/прес – датум: 04.03.2025]

Образложение:

Тврдењето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, во име на неговата партија, дека претседателот на најголемиот синдикат во земјава Слободан Трендафилов е нелегално избран за претседател е недоследно, затоа што партијата нема простор да се меша во работата на синдикатите од oвој аспект – дали е некој легален и легитимен или не, освен од аспект на правилата за нивната работа и учество во општествениот живот.

Дополнително, нападот доаѓа во момент кога ССМ преку Трендафилов побара зголемување на минималната плата и си го задржа правото за штрајк, една од најсилните алатки на секој синдикат, а владејачката партија преку своите министри и преку премиерот искажуваат спротивно мислење, т.е се амбивалентни и тоа барање го сместуваат во рамки на дијалог помеѓу синдикатите и работодавачите.

Најпрво, работата на синдикатите, па и на ССМ, не бадијала е вграденa во уставот, бидејќи тоа спаѓа во основни човекови права, т.н. фундаментални права. Во Уставот на РСМ постојат два члена поврзани со ова основно човеково право, првото за слободно здружување во синдикати, а второто за правото за штрајк:

Член 37

Заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

и

Член 38

Се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Токму од овие причини е основната недоследност во комуникацискиот став на владејачката партија, изразен преку Петрушевски и токму затоа може да се каже дека партијата на овој начин се меша во основните економски и социјални права на граѓаните, односно го нарушува Уставот.

Второ, како што лидерите на партијата се избираат на највисоките органи, во случајот собранија или конгреси, така и Трендафилов е избран на Конгрес. До неговиот избор дојде во јуни 2003 г. по смртта на претходниот лидер Дарко Димовски.

Во соопштението по изборот се наведува дека „делегатите, едногласно одлучија за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија да го изберат Слободан Трендафилов“.

Довербата која му ја дадоа повеќе од 2/3 од синдикатите членки на ССМ, членовите на органите и телата на синдикатите членки на ССМ, како и Претседателството и Советот на ССМ, врз основа на претходно спроведена постапка, Конгресот ја потврди и едногласно го избра за Претседател на ССМ Слободан Трендафилов.

Оттука, од каде Петрушевски смета дека треба да оценува дали Трендафилов бил легално избран или не. Приказната дека било нелегално зашто не бил прво претседател на грански синдикат почна да ја шири поранешниот претседател Живко Митревски, уште летото кога беше избран Трендафилов, а продолжи и лани летото и годинава кога тврди дека добил пресуда во негова полза дека незаконски бил разрешен. Но, дури и во неговото тврдење се провлекува дека Трендафилов во историјатот има поднесено документ дека бил на чело на еден од синдикатите, на трговските работници…Како и да е, ако цел Конгрес застанал зад Трендафилов, единствен кој може да го оспори тоа е некој од самиот синдикат и тоа преку правосудството, а не од власта.

Зашто секое мешање на власта во внатрешните работи во синдикатот, освен уредување на клучните закони врз кои функционираат синдикатите, се смета за неприципиелно, за мешање во нивната работа за да се добие синдикат по мерка или да се формираат т.н. „жолти“синдикати, или со други зборови – недоследно, на она што партијата на власт го ветувала.

Извори:

Оцени: Теофил Блажевски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе