Нивото на Преспанското Езеро непрекинато опаѓа, бавно се спроведуваат мерките за заштита
Според мерењето извршено на 13 јуни 2023 година, водостојот на Преспанското езеро бил 842,22 mнм, односно истиот е намален и во споредба со водостојот од пред една година
Водите на Преспанското Езеро не престануваат да се повлекуваат, а штетните последици од губењето на езерските води засега недоволно ги алармираат одговорните власти за преземање конкретни чекори кои ќе водат кон заштита на второто по големина природно езеро во земјава.
Кога Мета.мк во август лани пишуваше на оваа тема, водостојот на Преспанското Езеро кај мерната станица Наколец изнесуваше 842,33 mнм според изберените податоци од средината на јули 2022 година. Речиси една година подоцна, податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат уште позагрижувачки бројки.
Според мерењето извршено на 13 јуни 2023 година, водостојот на Преспанското Езеро бил 842,22 mнм, односно истиот е намален и во споредба со водостојот од пред една година.
Притоа, ваквото мерење во јуни годинава покажува дека водостојот на Преспанското Езеро е помал за дури 1,94 метри во однос на просечната вредност за јуни, која според УХМР треба да изнесува 844,16 mнм. Овие податоци се уште позагрижувачки поради фактот што периодов имаше интензивни врнежи од дожд, а токму во мај и во јуни се топи снегот на планините и издашноста на самите реки и извори треба да доведува поголемо количество води во самото езеро.
Сепак, се чини дека постепеното изумирање на Преспанското Езеро не предизвикува преголемо внимание кај надлежните власти, иако постојат изработени документи со јасно прецизирани мерки и степени на итност кои треба да се спроведат во определените рокови.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање минатата година за Мета.мк информираа дека сите утврдени мерки во ажурираниот План за управување со води во Преспанскиот слив со ранг од 1 до 3, кои ќе водат кон заштита на водите на Преспанското езеро, ќе треба да се имплементираат во период од шест години. Речиси една година подоцна, од ова Министерство не добивме детални информации за тоа што конкретно изминативе десетина месеци е спроведено од најитните мерки.
ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ИЗУМИРА БЕЗ СВОИТЕ ВОДИ, МЕРКИТЕ ЗА НЕГОВА ЗАШТИТА ЌЕ СЕ СПРОВЕДУВААТ ШЕСТ ГОДИНИ
Во ажурираниот план е наведено дека имплементацијата на мерките класифицирани во групата 1 со највисока итност на реализација ќе чини 4,8 милиони евра. Притоа, во оваа група се вклучени активностите за контрола на повлекувањето на водите, заштита од поплави и регулаторни мерки.
Во втората група мерки означени со 2, се оние со многу висока важност. За нивна реализација потребни се околу 5,9 милиони евра, кои ќе бидат насочени кон контрола на ерозијата, подобрување на канализационата мрежа, заштита од поплави, земјоделски мерки, како и градење на институционалниот капацитет на релевантните власти и засегнатите страни во Преспанскиот регион.
Сепак, од денешна перспектива од Министерството за животна средина и просторно планирање не одговорија на прашањето кои од мерките од групата 1 и 2 се веќе исполнети на терен.
За третата група на мерки означена со приоритет 3 се предвидени трошоци од околу 6,9 милиони евра, при што тука спаѓа изградбата на пречистителни станици за отпадни води за помали англомерации на населени места во регионот, мониторинг активности на Преспанскиот слив, пошироко градење на капацитетите на фармерите, подобрување на системот за собирање на отпад, како и активности поврзани со имплементација на постојната легислатива и регулатива.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за третата група на мерки одговорноста ја префрлаат на Општина Ресен, која формирала посебна канцеларија што е одговорна во спроведување на Плановите за управување со водите на Преспанското езеро.
„Согласно одредбите од Законот за водите, Владата на РСМ ги донесува Плановите за управување на водите на ниво на речен слив. Имајќи предвид дека Преспанското Езеро е дел од подрачје на сливот на река Црн Дрим, истиот се донесе и се спроведува согласно одредбите од Законот за заштита на Преспанското Езеро, каде одговорна за спроведување на активностите е општина Ресен“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Мета.мк во два наврати по електронски пат испрати прашања до општина Ресен на 8 и 14 јуни во однос на имплементацијата на мерките од ажурираниот План за управување со води во Преспанскиот слив, но и од нив не добивме конкретни одговори на поставените прашања за активностите што се спроведуваат во однос на заштитата на водите од Преспанското езеро.
За спроведувањето на мерките за заштита на Преспанското езеро, коишто си ги определиле како обврска самите институции, одговори побаравме и од Македонското еколошко друштво (МЕД). Тие ни одговорија дека обврска на министерството е да работи на годишните извештаи, во кои се наведуваат активностите за зафаќање на водите, системите за наводнување и водата за пиење. Реално тие не би можеле да следат прецизно која од активностите е исполнета досега.
Сепак, од МЕД додаваат дека освен редовниот мониторинг на водата од Преспанското езеро, не разбрале дека се имплементирани други активности. Во Општина Ресен од неодамна е вработено лице која редовно зема проби за испитување на квалитетот на езерските води.
Од МЕД објаснуваат дека природата на самото езеро е таква, што имало периоди кога нивото на езерото било многу ниско, па се зголемувало. Климатските промени и недоволното количество врнежи водат кон тоа дека приоритетно е преземањето мерки за заштита на водите, ама самите мерки подразбираат подолгорочно третирање на проблемот. Според МЕД, треба да се стави акцент на рационализација на потрошувачката на водите, но и со земјоделците да се работи на проблемот со користењето на пестициди.
Откако минатата година се одржа Иницијалниот состанок на Комитетот на управувачкото тело на Преспа парк и на работната група за управување со водите во насока на заедничко одржливо управување и унапредување на Преспа, на 31 јануари годинава се одржал вториот состанок на работната група за управување со водите врз основа на потпишаниот Договор за заштита на Преспанскиот регион меѓу Македонија, Албанија и Грција.
На овој состанок бил договорен за нацрт-Патоказот за спроведување на заеднички приоритети за управување со водите, а била потврдена формата и начинот за размена на податоци од мониторинг мерењата за квалитативна и квантитаивна анализа на езерото. На 31 јануари се одржал и вториот редовен состанок на Комитетот за управување со Преспа Паркот.
Инаку, македонската влада на 15 јуни 2021 година ја формираше Комисијата за следење на спроведувањето на мерките од Акцискиот план за Преспанското езеро. Како што информираат од Министерството за животна средина, комисијата ги утврдила можните приоритетни активности, и тоа:
- Надградба и континуиран мониторинг на националната мониторинг мрежа во сливот на Преспанското и Охридското Езeро за хидрологија на површински води, хидрологија на подземни води и метеорологија;
- Изработка на Студија за Биланс на води за Преспанското Езеро со најновите достапни податоци (1951-2020);
- Изработка на Студија за утврдување на влијанието од загубите на вода врз биолошката разновидност и дефинирање на индикаторски видови за следење на ефективноста од спроведените мерки за подобрување на состојбата како последица од загубите на вода;
- Истраги за истекување на вода низ карстниот масив на Галичица вклучувајќи и примена на методи со изотопи за движење на водата;
- Зајакнување на институционалните капацитети во областа на води и природа, со посебен акцент на мониторингот.
Сепак, од ова министерство велат дека поголемиот дел од активностите поради економската криза се реализираат со меѓународни донаторски проекти. Во делот на заштитата на Преспанското Езеро, во моментов се реализираат неколку тековни проекти.
Па така, преку проектот „Идентификација на антропогените влијанија на Преспанското Езеро“, кој е финансиран од ПОНТ, изминатиов период се спроведени истражувања за определување на квалитетот на водата во дефинираните локалитети во литоралната зона од Преспанското Езеро, која го опфаќа делот од Долно Дупени до Стење.
До 2024 година ќе се реализира и „Проект Преспа“ спроведуван од Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на Преспа во Грција и Заштита на животната средина во Албанија, додека актуелен во моментов е и проектот „Зајакнување на капацитетите на Општина Ресен и изготвување на апликативни научно-истражувачки проекти за заштитените подрачја“ преку кој се истражувале локалитети од литоралната зона на Преспанското Езеро.
„Врз основа на добиените резултати може да се констатира дека глобалниот проблем на еутрофикацијата му се заканува на Преспанското Езеро“, го објаснуваат од Министерството за животна средина проблемот со зголемена биолошка продукција на некои видови на алги на површините на водите, кои се опасност за биодиверзитетот на езерото.