Од собранискиот подиум до јавноста – претседателската реторика на Гордана Сиљановска Давкова

Преку реторика испреплетена со метафори, а поткрепена со антологиски украси, Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето прво годишно обраќање во Собранието на 25 декември 2024 година, говореше за актуелните случувања и текот на настаните изминатата година, како и за очекувањата во оваа 2025 година.

Жан-Жак Русо во „Општествениот договор“ за суверенитетот вели дека се состои во колективната волја на сите граѓани. Претседателката вели, во Русоова смисла на зборот, на граѓанинот и народот како демос, односно како збир на индивидуи им припаѓа суверенитетот.

Повикувајќи се кон практична примена на демократијата во најсуштествената смисла на тој збор, започнува говорот чија насока праволиниски ги ниже суверена, самостојна, демократска и социјална, епитетите пред зборот држава.

Со нагласена употреба на присвојни заменски придавки во прво лице, морфологијата ја остварува визијата на говорникот, да се постави во централна позиција на наративот, засилувајќи го чувството на авторитет:

„Најпрво, градењето стандардна европска држава со демократски политички систем е мојата основна цел“.

„Слободата, правото и правдата се мојата идеологија”.

„Повикувањето и почитувањето на националното, европското и меѓународното право е моето политичко оружје”.

„Одбраната на државниот и националниот интерес е мојот основен политички мотив”.

Концептот за вечниот мир, разработен од германскиот филозоф Имануел Кант, понатаму е употребен да се нагласи комплексноста на битисувањето во унија на сплотени визии:

„ЕУ лидерите пак, никогаш не треба да изумат дека Европската заедница беше мировен проект што требаше да гарантира вечен европски Кантов мир, а денес европски држави војуваат”.

Од ризницата на грчката митологија, Ахиловата петица и кутијата на Пандора ги рефлектираат балканските претензии наспроти европските:

„Некои западни политолози метафорично пишуваат за Западниот Балкан дека е ЕУ-Ахилова петица. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел, не смеат да дозволат да биде на нишан”.

„Балканската Пандорина кутија не смее да стане европска Пандорина кутија”.

И како што Хемингвеј вели Збогум, оружје, во истиот тој правец, претседателката изјави дека не се радува на војните и оружјата, нотирајќи ја потребата од адаптирање на Стратегијата за одбрана на глобалните предизвици, наметната од промената на доктрините на војување.

Она што е забележливо е сликовитиот приказ на претседателката, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар:

„На чиј репертоар редовно е симфоинијата ‘владеење на правото’, со која треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел”.

Продолжувајќи со истата метафора, таа вели:

„Ние, јас, премиерот и министерот за надворешни работи, но и сите други министри ги градиме и усогласуваме ставовите дома, а надвор настапуваме како хармонично трио и хор”.

Мошне интересно е како преку стилските фигури, се разбива сложеноста на апстрактните идеи, па тие многу полесно резонираат меѓу публиката.

Следствено, таа ја изразува и својата отворена поддршка за поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО преку метафора:

„Нелогично е да поддржуваме кандидати на други држави кога имаме наш кандидат, дури и да доаѓа од редовите на опозицијата”.

„Нелогично е на натпревар на којшто учествува македонска репрезентација да навиваме за туѓиот тим”.

Еден идиом на англиски јазик, кој ја отсликува преговарачката култура вели:

„Ова би било win решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта”.

„За нас, win би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите”.

„За двете држави, win-win би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство”.

Антитезата, како синтаксичко изразно средство кое опфаќа споредување засновано на спротивност, е претставена преку изјавата:

„Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање”.

Не изостануваше и повикувањето кон угледните фигури на македонската борба, а одлична беше приликата денот на одржување на седницата, да биде токму денот кога од печат излезе „За македонцките работи”, од идеологот за единство на македонскиот народ — Крсте Петков Мисирков.

„Во неа Мисирков нѐ предупредува дека како причина за секој неуспех, поделбите нѐ туркаат во небиднина. И спротивно, дека сплотеноста е предуслов за секој успех и основа за светла иднинa”.

„Само ако ги оставиме на страна поделбите и кавгите, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес, ќе успееме да го обновиме општествениот договор на Мисирков и да ја направиме нашата татковина пристојно место за живеење за сите нејзини граѓани, сегашни и идни”.

Јазичниот исказ во овој говор цели подалеку од општа денотација. Употребата на фигуративен јазик го остварува она што би требало да продре подлабоко преку искажаниот збор, колективната борба за заедничка кауза, обвистинета единствено кога разликите и несогласувањата ќе бидат ставени ад акта.

Пишува: Викторија Фурнаџиска

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе