Помилувања, повлекувања и преземања: Што потпиша Доналд Трамп на првиот ден од неговиот мандат

Доналд Трамп вчера во својот говор по положувањето на заклетвата најави дека „златното доба на Америка започнува токму сега“ и потпиша десетици извршни наредби. Меѓу главните наредби помилувањето или ублажањето на казните на повеќе од 1.500 лица обвинети за нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година. Тие денеска ќе почнат да го напуштаат затворот.

Oвој пат oсвен што беше придружен на бината од семејството, претседателот кој се претставува себеси како шампион на работничката класа, во првиот ред ги смести технолошките милијардери, вклучувајќи ги Илон Маск, Марк Закерберг, Питер Тил, Сундар Пичаи и Џеф Безос. 

Помилувањето на 1.500 обвинети предизвика гнев кај конгресмените кои беа загрозени во нападот на 6 јануари 2021 година, кога илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол (зградата на дводомниот парламент на САД) во неуспешен обид да го спречат Конгресот да ја потврди дека на изборите во 2020 година победи демократот Џо Бајден.

Покрај помилувањето, Трамп потпиша серија извршни наредби за ограничување на имиграцијата и им наложи на властите повторно да започнат со изградбата на ѕидот долж границата меѓу САД и Мексико.

Укинување на правото на државјанство на деца на имигранти

Една од најконтроверзните наредби во врска со имиграцијате е придвижувањето кон укинување на долгогодишното толкување на 14-тиот амандман од Уставот, наредувајќи им на федералните агенции да одбиваат барања за државјанство преку користење на  правото на раѓање. Поточно децата кои се родени во САД но имаат родители што се нелегални имигранти да не можат автоматски да станат американски граѓани. Агенциите добија 30 дена да ја спроведат наредбата – иако најверојатно ќе се соочи со правни предизвици. Американската влада долго време го толкува американскиот Устав дека родените на американско тло се граѓани при раѓање, без оглед на имиграцискиот статус на нивните родители.

„Сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и кои подлежат на нивна јурисдикција, се државјани на Соединетите Држави и на државата во која живеат“ – 14-от амандман на Уставот на САД

Сепак, Трамп им наложи на федералните агенции да престанат да издаваат пасоши, потврди за државјанство и други документи за деца родени во САД од родители кои се илегално во земјата, кои не се државјани или легални постојани жители, или кои се привремени носители на виза.

Повторно повлекување од Парискиот климатски договор

Во врска со Парискиот климатски договор, Трамп најави дека повторно ќе ги повлече САД од договорот. Во ноември, неколку дена пред изборната победа на Трамп, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди на потенцијалните последици од претседателството на Трамп врз меѓународните климатски цели и политики. Тој рече дека напредокот во Парискиот договор може да претрпи голем неуспех доколку САД по вторпат го напуштат меѓународниот договор.

САД се вториот по големина светски емитер на стакленички гасови.

Едно од клучните предизборни ветувања на Трамп беше зголемувањето на царините, но за сега тој не презеде итна акција за истото иако рече дека може да воведе 25 проценти покачување на давачките за Канада и Мексико на 1 февруари.

Tој вели дека САД сè уште не се подготвени да воведат царини за сите увозни производи во земјата. За време на изборната кампања, Трамп вети универзална царина од 10 отсто и рече дека ќе ја погоди Кина со увозен данок од 60 отсто. Тој рече дека царините ќе ги направат Американците побогати, иако голем дел од експертите велат дека трошоците најверојатно ќе бидат товар на потрошувачите.

Меѓу другите извршни наредби потпишани од претседателот Доналд Трамп беше и наредбата за преименување на Мексиканскиот Залив во „Залив на Америка“,

Повторно повлекување на САД и од СЗО

На првиот работен ден како претседател, Трамп потпиша и извршна наредба за започнување на процесот за повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО).

„Ооо, ова е големо“, рече новоименуваниот американски претседател додека ја потпишуваше наредбата. Ова е втор пат Трамп да им нареди САД да се повлечат од СЗО.

Трамп беше критичен за тоа како меѓународното тело се справува со Ковид-19 и го започна процесот на повлекување од институцијата со седиште во Женева за време на пандемијата. Претседателот Џо Бајден подоцна ја смени таа одлука.

Спроведувањето на оваа извршна наредба на првиот ден од мандатот ја зголемува веројатноста дека САД формално ќе ја напуштат глобалната агенција.

„Тие толку многу сакаа да се вратиме, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп во Овалната соба, мислејќи на СЗО, можеби навестувајќи дека САД на крајот може да се вратат.

Во наредбата се вели дека САД се повлекуваат „поради лошото постапување на организацијата со пандемијата „Ковид-19“ што произлезе од Вухан, Кина и другите глобални здравствени кризи, неуспехот да ги усвои итно потребните реформи и неможноста да демонстрира независност од несоодветно политичко влијание на земјите-членки на СЗО“.

Куба на листата земји спонзори на тероризмот

Светслите лидери имаа различни реакции на инаугурацијата на Доналд Трамп како претседател на САД.

Кубанскиот претседател Микел Дијаз-Канел изрази незадоволство откако Трамп ја врати Куба на листата на држави спонзори на тероризам, нарекувајќи го потегот „чин на ароганција и непочитување на вистината“.

Другите лидери, вклучително и оние на Украина и Израел, чии земји се во конфликти и зависат од помошта од САД, ги пофалија личните квалитети на Трамп и ги истакнаа придобивките од заедничката работа за постигнување мир.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека Трамп е „одлучен човек“.

„Постигнување мир преку моќна политика што тој ја најави е можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне долгорочен и праведен мир, што е врвен приоритет“, напиша тој на X.

„Сега наш ред е да блеснеме! Наш ред е да го окупираме Брисел!“ изјави, пак,  унгарскиот премиер Виктор Орбан во објава на Х откако му честиташе на Трамп.

Премиерот на Канада Џастин Трудо, го потсети Трамп дека „Канада и САД го имаат најуспешното економско партнерство во светот“, по најавата за можни царини.

Панамскиот канал

Откако Трамп во својот инаугурациски говор изјави дека Панамскиот канал е „глупав подарок“ за Панама што „никогаш не требаше да биде направен“, претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, рече дека каналот „е и ќе продолжи да биде панамски“.

„Ниту една странска држава нема да се меша во нашата администрација. Каналот не ни беше отстапен од никого. Тоа е резултат на генерациската борба која кулминираше во 1999 година со Договорот Торијос-Картер. Оттогаш, 25 непрекинати години, одговорно го администрираме каналот кој го проширивме за да му служиме на светот и неговата трговија, вклучувајќи ги и Соединетите Држави“, рече тој во изјавата на Х, упатувајќи на заканата на Трамп дека Панама ѝ го отстапила управувањето на каналот на Кина.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе