Ричардс: Првото нешто што ги советувам политичките кандидати е да ги избришат профилите на социјалните мрежи
Бил советник на голем број британски политичари и бизнисмени, советник на министри во Владата на Велика Британија, водел политички кампањи, а сега своето знаење го пренесува секаде низ светот, почнувајќи од европските до африканските држави. Станува збор за Пол Ричардс, специјалист за комуникации, тренер, писател, советник за водење политички кампањи, со декади искуство во полето на она што се нарекува – „како треба една личност од висок профил да се промовира во јавноста“, почнувајќи од интервјуа, постови на социјалните мрежи, изјави за новинарите или накратко – презентирање на една политичка личност или партија пред граѓаните.
Нашата средба со Ричардс се случи точно кога започна предизборната кампања во С. Македонија за парламентарните и претседателските избори. Со него се сретнавме во рамките на студиската посета во Лондон, Велика Британија, преку проектот „Преосмислување на управувањето“, финансиран од UK International Development од страна на Владата на Обединетото Кралство преку Британската Амбасада во Скопје, спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП).
Ричардс е автор на книгите „Како е да се биде спин доктор“ и „Како да победите на избори“. Во првата книга, прикажува дека да се биде спин доктор е само една нова фраза за опишување на многу стара практика. Тој таму објаснува како сите организации, од политички партии до кампањи во заедницата, мали бизниси и добротворни организации можат да ги користат техниките на спин за да ја заштитат својата репутација, да ги пренесат своите пораки и да добијат поддршка од јавноста. Ова знаење тој го собрал како специјален советник на британската влада, во времето на глобалната финансиска криза, преку оставките на владиниот кабинет.
Но, сега, како што вели, сето она што е кажано во книгите нема важност, бидејќи со појавата на социјалните мрежи, се променило буквално сè.
„Книгите се веќе застарени, спин доктор беше објавена во 1999 година и содржеше наративи за тоа на каква хартија треба да се напише соопштение за медиумите и во какво плико да се пушти до новинарите. Сега е најважно како ќе се претставите преку социјалните медиуми и како ќе ја испратите пораката до луѓето. Луѓето сега ги примаат пораките и преку Инстаграм, а воедно и ТикТок е во голем пораст во однос на корисниците, така што сето тоа треба да се спакува добро, со слика или текст за да стигне до широката публика“, вели Ричардс.
Оттаму, според него, за време на кампањите, социјалните медиуми се можеби и најважниот медиум, но проблемот е што таму изостанува контролата.
„Се случува луѓето да објават нешто и потоа да зажалат, но нема назад“, вели тој.
На нашето прашање што би ги советувал сега политичките кандидати, од оваа перспектива, тој без дилема одговара:
„Сега, кога ги учам кандидатите, прво им велам, избришете ги вашите профили, тргнете се од Твитер, бидејќи вашите опоненти ќе ја прелистаат секоја ваша изјава, буквално сè што сте напишале уште кога сте биле тинејџери“.
Друг совет што Ричардс го дава редовно на британските политичари е да не објавуваат ништо на социјалните мрежи што се базира на емоции.
„Мора да се има филтрација од тоа што го мислите и она што го објавувате како статус на социјалните мрежи. Кога сте новинар, има процеси пред да се објави нешто, тоа поминува низ филтри, но тоа не е случај со социјалните мрежи. Многу драми се случувале во Британија само затоа што некој политичар твитнал нешто што се должело на импулсивна реакција“, вели Ричардс, додавајќи дека она што се пишува на социјалните мрежи не е исто со она што може да се интерпретира во дел од медиумите, без разлика дали намерата била добра или лоша.
Првата кампања што Ричардс ја водел била во далечната 1992 година, кога се користеле монети во телефонски говорници за да се биде во тек со случувањата, бидејќи немало мобилни телефони.
„Кога бев во Владата и работев за еден од министрите, требаше да го направам првиот твит за министерот и од канцеларијата за односи со јавност ми дојде барање, извинете, можете ли да постирате твит? Јас реков во ред, и тој процес траеше цели 7 часа“, се присетува Ричардс.
Со него разговаравме и за начинот на кој во Британија се одвиваат политичките кампањи, за државните пари што ги добиваат политичките партии во предизборието, а дава и негов став за дезинформациите што се шират во периодот пред да се заокружи гласачкото ливче.
„Луѓето во принцип не разликуваат што е вест, а што мислење. А понекогаш и навистина е тешко да се разликува. Така се јавуваат и дезинформациите, па луѓето често велат, имаше вчера еден човек на телевизија и тој рече дека изолацијата за време на ковид кризата е губење време и за нив тоа станува апсолутна вистина. Технологијата оди многу понапред од она што мислиме, но мора да се справуваме со лажните вести и со дезинформациите“, објаснува Ричардс.
Во Велика Британија, раскажува тој, сите партии на телевизиите мора да бидат еднакво претставени и сите имаат одредена минутажа и секунди колку смеат да бидат претставени пред јавноста. Но, тоа не е така со останатите медиуми.
„Да речеме, The Sun, еден од весниците на Руперт Мурдок, можат јавно да поддржуваат одредена политичка партија, да заземаат страна, едноставно не мора да бидат фер на ист начин. Но, ние имаме многу строги правила за политичко рекламирање, за разлика од САД, каде што за реклами можеш да даваш милиони и милиони. Имаме многу строги правила за тоа колку пари можат да се потрошат за изборите. Постои лимит за трошење на национално ниво, а и кандидатите имаат свои пари кои смеат да ги потрошат. Средствата на национално ниво навистина не се високи. Државата може да спонзорира 3-4 емитувања каде што секоја партија ќе има пристап, но мора да биде нагласено точно дека станува збор политичка кампања. И сметам дека тоа е добар систем“, вели Ричардс.
Тој објаснува и на кој начин се води „црната кампања“ за време на предизборниот процес.
„Знаете, тоа е веќе прашање на карактер. Политичките партии често знаат да ја предизвикаат и најдат слабата точка на противкандидатот и ќе се водат по тоа. Тоа не е добра работа, но е дел од политиката. Работничката партија, на пример, ќе каже тој кандидат е многу богат, не ги разбира обичните граѓани, а Конзервативната партија ќе каже дека извесен кандидат е неконзинстентен, нема принципи и често го менува мислењето. Кога сум го пишувал сето ова, точно сум знаел која им е целта и што сакаат да постигнат“, вели Ричардс.
Тој вели дека исто како и во другите држави, и во Белика Британија има странски влијанија, вклучително и од Русија, има руски ботови, но нема прецизен одговор како јавноста може да се заштити од истите.
„Да имав точен одговор ќе ги советував сите како да се заштитат, но она што со сигурност го знам е дека мора да ја едуцираме јавноста да биде поскептична и да се запраша два пати пред да поверува во нешто“, вели британскиот специјалист за комуникации со јавноста.