Списанието СУМ одбележа три децении постоење во сферата на уметноста

Штип, 07.12.2023

Публиката, сите оние коишто слушнале за „СУМ“ сега ќе можат да видат „СУМ“ на кој сѐ е посветен, бидејќи „СУМ“ сам по себе претставува проект во којшто се прави омаж на еден од истакнатите личности од областа на уметноста, сликарството, театарот, музиката, киното, литературата итн. На оваа изложба ние ги презентираме дел од броевите, оние коишто се позначајни и даваат придонес во хабитусот на самото списание.

Ова го рече м-р Трајче Кацаров, идејниот татко на Списанието за уметност СУМ човек чие име и презиме стои потпишано зад секој број како негов главен и одговорен уредник, а кое списание во нашата национална култура, како ретко кое од оваа област, успеа да живее и преживее импозантен период од 30 години.

Во продолжение Кацаров рече:

„Поминаа 30 години. Во сите тие 30 години, како што вели академик Гане Тодоровски, „СУМ“ војникуваше во духовниот простор на Македонија. Кога велам во духовниот простор на Македонија, сакам да истакнам дека родното место на „СУМ“, неговото битисување беше во Македонија, а и надвор од неа, бидејќи во некои од националните библиотеки во соседните држави веќе го има „СУМ“, може да се најде како списание за уметност, како списание кое само по себе дава преглед на, можеби, елитните настани во уметноста воопшто, пред сѐ во сите гранки на уметноста“.

Ристовски: Списанието СУМ е рекордер во нашата држава во однос на времето на неговото излегување. Во нашата држава имаше и други списанија од оваа област но најголем број од нив згаснаа, а само СУМ, благодарение на упорноста и истрајноста на Трајче Кацаров успеа да опстои до ден денешен.

Создателот на СУМ прецизно кажа дека редовното излегување на СУМ било еден многу тежок процес но…

„Досега „СУМ“ излегуваше четири броја годишно и јас мислам дека тоа за едно периодично списание е доста добро, бидејќи периодичното списание само по себе има за цел да информира, има цел и да афирмира, да популаризира. Но од година во година средствата се сѐ помалку за периодичните списанија и сметам дека тоа е еден од големите недостатоци и во културната политика, а и во она што значи информирање на читателската публика. Ова бидејќи „СУМ“ со себе носи елементи или прилози  коишто надвор од една таква ситуација, од една таква форма, од еден таков модел тешко може да дојдат“, додава Кацаров.

Одбележувањето на овој јубилеј беше организирано од НУ-Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“. Водител на настанот беше библиотекарот Тодор Џидров, кој зборуваше за значењето на роднокрајното одделени кое постои во рамките на библиотеката, а за СУМ и делото на Кацаров зборуваше писателот Гоце Ристовски.

„Списанието СУМ е рекордер во нашата држава во однос на времето на неговото излегување. Во нашата држава имаше и други списанија од оваа област но најголем број од нив згаснаа, а само СУМ, благодарение на упорноста и истрајноста на Трајче Кацаров успеа да опстои до ден денешен за што овој културен дееец го заслужува сиот наш респект“, рече Ристовски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе