Полиција денес влегла во канцеларијата на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) во Белград, Србија, пренесе Н1.рс, повикувајќи се на извори од ЦРТА.
„Со цел да престанеме со дезинформациите, потврдуваме дека полицијата денес дојде во нашата канцеларија и ЦРТА целосно соработува со државните органи“, наведоа од организацијата во објава на социјалната мрежа „Х“.
Од таму, сепак, го поставуваат прашањето „како таблоидите ја објавија таа информација уште пред да дојде полицијата во нашата канцеларија?“.
Kako bismo stali na put dezinformacijama, ovim putem potvrđujemo da je policija danas došla u našu kancelariju. Crta u potpunosti sarađuje sa državnim organima.
Pitanje koje postavljamo je kako to da su tablodi tu informaciju objavili pre nego što je policija i došla u našu…
— CRTA (@CRTArs) February 25, 2025
Од невладината организација велат дека до дополнително известување на јавноста ќе се обраќаат исклучиво преку нивните канали на социјалните мрежи.
Претходно денеска се огласи и организацијата Граѓански иницијативи, која потврди дека утрово во нивните простории упаднале дваесетина полицајци од Управата за криминалистичка полиција, кои рекле дека имаат налог од Обвинителството за проверка на работата на организацијата, но не сакале да покажат налог за претрес.
Главниот јавен обвинител на белградското јавно обвинителство Ненад Стефановиќ изјави дека е наредено да се земе целата документација поврзана со донации на УСАИД од четири невладини организации во Србија, како и да се спроведат разговори со одговорните лица на тие организации во врска со околностите на трошењето на средствата од донациите, како и да се истражи дали постоела обврска за известување на донаторите за наменското трошење на средствата.