Големите фестивали, како Охридското лето, Дубровничките летни игри и слични на нив, се големи, пред се, поради амбиенталните можности и вредности, на кои можат да се пријакжуваат светски спектакли-музички и драмски.
Пред децении, кога на Имарет се играше Сон на летната ноќ, романтична комедија од Вилијам Шекспир, една од најпопуларните негови дела за сцена, претстава изведувана насекаде низ светот, од Белград допатува еден Јован Ќирилов, да ја проследи и рецензира.
На тоа ниво, вонвременскиот Шекспир, годинава, го нуди неговиот „Крал Лир“ на „Охридско лето“, специјално подготвена продукција, наменски осмислена игра во неповторливиот амбиент на Предворјето на „Света Софија“.
Вечерва од 21 часот, во рамки на “Aмериканската вечер” актерската екипа на „Lit Moon Theatre Company“ театарот од Санта Барбара, САД, на очекувана бројна публика, ќе и ја предочи светската премиера на претставата „Кралот Лир“.
Во очи на претставата, Дирекцијата на Летото, организираше наменска прес-конференција, на која можеше да се слушне, дека, Шекспир, иако поставуван од неброени театарски компании, со илјадници верзии, со неговите дела, секогаш е актуелен, му пркоси на времето со своите пораки, идеи, толкувања на човечката природа.
Режисерот Џон Блондел по петти пат е на „Охридско лето“, но овојпат со светска премиера и меѓународна актерска екипа составена од уметници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија…
Величината на текстовите на Шекспир се гледа во нивната еластичност, флексибилност…Ние ја скративме претставата на 90минути, но ништо не се изгуби од темите и прашањата во текстот што се однесуваат на човековата психа, тие транцендираат на секоја култура, ќе каже Блондел.
-Прашањето на слепилото при вид, на лојалноста, последиците на стареењето, лошите избори во животот се секогаш актуелни. Посебноста на нашата постаква е токму во тоа што ние сме интернационална екипа, а самата претстава ја подготвувавме токму за Охрид. Таа е во својата основа креирана за „Света Софија“, апострофираше режисерот.
Главната улога во претставата ја толкува Ирвин Апел, според кого прашањето на слепилото при вид е нишката низ која се провлекува целиот текст во претставата.
-Целата претстава е исполенета со референци за слепилото, не физичкото туку внатрешното слепило… трагедијата да се биде слеп при очи, ќе каже Апел.
-По синоќешната проба во „Света Софија“, таа црква сега е нераскинлив дел од она што го работиме. Мојот карактер во претставата честопати му се обраќа на Бога и на природата. Вчера многу анализирав, каде се наоѓам, од каде им се обраќам на боговите, рече тој.
Нина Салинен која ја игра улогата на најмладата ќерка на Лир истакна дека нејзината посебност произлегува од тоа што Корделија е единствениот лик што во претставата простува, што носи искреност…
-Тоа што две седмици интензивно работевме во изолација, без многу контакти со надворешниот свет, за нас претставува своевидна медитација преку која можевме подлабоко да навлеземе во сржта на самата претстава…Ваквиот начин на подготовка секако ќе има ефект врз нас на ниво на потсвест. Тешко е да се анализира додека се работи на подготовки, секако очекуваме рработите да се искристализираат откако ќе излеземе на сцената, рече таа.
Сценографијата и косимографијата е на Благој Мицевски, кој изработи доста впечатливи костими специјално за вечерашната премиера и сцената на Предворјето на „Света Софија“.
-Сум работел многупати во „Света Софија“, позадината на црквата е идеална сценографија за костимите што ги изработив, тие само ги надополнуват карактерите во претставата и односите меѓу нив, истакна Мицевски.
Улогите во претставата ги толкуваат Ирвин Апел, Брајан Харвел, Џејмс Мек Картим, Нина Салинен, Мајкл Бернард, Метју Тавианини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри.