Најдобриот брат на светот

Богослав Стојанов-Божо, 24/7 се грижи за својата болна сестра Венка, тој е најсјајниот пример за тоа што што, всушност, значи поимот Брат…

Големи светски писатели инспирација са своите романи нашле во функционирњето на семејните односи. Но, ако ние имаме добар романописец, еве му материјал за нов роман во кој главна личност може да биде нашиот сограѓанин, 52 годишниот Богослав Стојанов-Божо кој 24 часа во сите седум дена од неделата се грижи за својата болна сестра Венка. Средовечниот Божо можете да го видите речиси секој ден низ градот како во определено време ја шета сестра си, ја носи на појдадок во слаткарницата Мако, а потоа и на кафе во Арабика или во Сајбер кафе..

-Мојата сестра на четиригодишна возраст доби висока температура, а од негрижа на докторите доби пореметување во мозокот при што и настрадаа и гласните нерви. Нејзиното здравје се влошуваше, баравме лек насекаде но не го најдовме. Беше тоа така до 2008 година кога побарав помош од светски познатиот епилептолог, д-р Методи Чепреганов. Тој и даде терапија, ја врати во живот зашто нејзе и се закануваше смрт…На д-р Чепреганов, тој голем доктор и уште поголем човек цел живот ќе му бидеме благодарни и го сметаме за дел од нашето семејство, вели Божо.

До пред три години за неговата сестра се грижеле сите членови на семејството, но откако  претходно починале нивните родители, а другата сестра Снежана се омажила во кочанско, Венка останала само на неговата грижа, или поточно на неговата совест и братска љубов. Богослав бил во брак со жена од Бугарија од која е разведен, има и 23 годишна ќерка која со мајка си живее во Бугарија, но со ќерката редовно одржува татковски односи.

-Живееме во семејна куќа во населбата Баби. Денот со мојата сестра Венка воопшто не е лесен, но кој ќе се грижи за неа ако не јас како нејзин брат. Таа станува во четири часот наутро, сака да запали цигара и да пие кафе, не оставам сама да користи запалка или кибрит, па и јас морам да станувам толку рано. Кога денот ќе го фагти својот ритам излегуваме од дома, одиме на појадок и на кафе а потоа пак дома, ја раскажува својата приказна братот Божо.

Божо барал сместување на Венка во некој соодветен центар. Но, се покажало дека нејзината болест е специфична и дека за таквите како Венка нема соодветна сместувачка институција. Венка сака нон-стоп да шета., не знае за замор а Божо вели дека нозете знаат по цел ден да го болат од многу одење.

-Венка не е насилна личност. Ги сака луѓето, има развиено сетоло за тоа кој е добар, а кој не е добар човек, па со првите сака да се поздрави.  Најмногу ги сака луѓето кои и обрнуваат внимание, кои не ја избегнуваат, додава братот.

Со 8.600 денари помош од државата, од кои половина е постојана социјална помош, а другата половина е за нега од трето лице, Венка го минива својот мачен живот. Братото Богослав вели дека на Венка, која сега има 44 години, согласно нејзината ситуација, и се потребни трипати повеќе пари.-„Од овие пари секој месец за лекови даваме по 1.500 денари. За живот и остануваат само 7.100 денари. Кој може со толку пари да живее нека ми го каже својот рецепт“, вели Божо.

Утре е нов ден. Богослав одново ќе стане во четири часот наутро зашто така сака неговата сестра Венка. Откако убаво ќе се раздени Венка ќе го фати Божо под рака и лека-полека, нога преку нога, ќе прошетаат низ Штип по нејзините омилени дестинации. А Божо? Тој е решен да се грижи за својата сестра на најдобар можен начин се додека се живи. Се плаши само од едно: што би било со Венка ако се случи тој пред неа да замине од овој свет. Се плаши од таа можност зашто му е страв кој , кој тогаш би се грижел за неговата болна сестра кога во државата не постојат соодветни иснтитуции.

-Гледам како овој наш регион се испуствува, и во нашата населба Баби гледам многу стари лица оставени на себе зашто нивните деца заминале во туѓина, на печалба. За ова мора да се погрижи државата, за немоќните лица да не останат само на себе, додава Божо.

СПАСОТ НИ ГО ДОНЕСЕ Д-Р ЧЕПРЕГАНОВ

ЗДРАВЈЕТО НА ВЕНКА СЕ ВЛОШУВАШЕ, ЛЕК НЕ УСПЕВАВМЕ ДА НАЈДЕМЕ, ВО 2008 ГОДИНА ПОБАРАВМЕ МИСЛЕЊЕ ОД СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ ЕПИЛЕПТОЛОГ Д-Р МЕТОДИ ЧЕПРЕГАНОВ, ТОЈ И ГО ДАДЕ ВИСТИНСКИОТ ЛЕК, НЕМАМ ЗБОРОВИ СО КОИ МОЖАМ ДА ЈА ИСКАЖАМ НАШАТА ПОЧИТ КОН ОВОЈ ГОЛЕМ ДОКТОР И НАД СЕ ИМПОЗАНТНА ЧОВЕЧКА ГОЛЕМИНА…

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе