Во 2025 за образованието и науката ќе има 38 милијарди денари, најголем буџет досега

Образованието во 2025 година ќе се финансира со буџет од 38 милијарди денари, а буџетот за наука е речиси двојно зголемен од сегашните 380 на 680 милиони денари, изјави денес министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Според неа, предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи.

„Годинашниот буџет е за 6 милијарди денари поголем од првичниот во 2024. Зголемени се блок дотациите за сите општини за 1,5 милијарди денари, затоа што е најавено покачување на платите на вработените во училиштата и тоа за 7 проценти од месец март. Повисоки плати од месецов добиваат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14 проценти, а ненаставниот за 8 проценти“, рече Јаневска.

Министерката истакна и дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците, што ќе подразбира и вложувања во изградба, адаптација и опремување на просторни капацитети.

„Започнуваме со анализа за адаптација на 100 училишни објекти за работа во една смена, по чие завршување ќе следи проектирање и реализација на градежни активности и за оваа намена, во преговори сме со Светска банка за обезбедување на 500 милиони денари“, додаде Јаневска.

Како што најави министерката, парите за студентски стандард се зголемуваат од 1,4 милијарди денари на 1,8 милијарди денари, а МОН ќе се фокусира и на подобрување на условите во студентските домови.

„Ја зголемуваме поддршката за студентите, односно им ги намалуваме грижите од финансиски аспект“, истакна Јаневска, потсетувајќи дека два дома веќе се реконструираат и треба да бидат готови до крајот на годината, а целиот процес со опфат на сите домови треба да заврши во текот на мандатот на Владата.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе