Во ресортот Магнолија на Пониква доделени  новинарските признанија за најдоброто од Истокот

Штип, 07.10.2023

На петнаесет институции и поединци од разни области на општественото живеење во Источниот регион, синоќа, во ресортот Магнолија на Пониква, им беа врачени признанијата за нивните остварувања во 2022 година од значење за развојот на Источниот регион, а со тоа и на Република Македонија. Манифетацијата „Најдоброто од истокот“ е во организација на  регионалниот центар на новинари „Исток“.

Над стотина гости со бурни аплаузи ги наградија сите кои добија признанија за својата работа. Добитници на признанијата се:

Проф.д-р Трајан Гоцевски, прв министер за одбрана во независна Македонија, долгогодишен декан на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, општествено-политички работник, говорник на многу светски сцени. Роден е во делчевското село Селник доби признание за животно дело од значење за државата.

Жарко Илиевски, рудар во рудникот „Саса“ доби признание за најдобар работник во регионот. Жарко има 42 години, 17 години работи во рудник САСА како дизел утоварувча во јама, секогаш ја натфрла нормата и е многу омилен другар и колега меѓу вработените во рудникот.

-Спсецијализираната приватна болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ е најдоброто во областа на здравството. За само 31 година од ординација по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ израсна во приватна болница по гинекологија и акушерство која носи најголеми радости во многу семејства.

–На ДМУЦ „Сергеј Михајлов“-Штип му беше врачено признанието за најдоброто во образованието. Ова музичко училиште е најпосакуваната образовна дестинација за многу музички надарени млади луѓе, училиштето за својата работа има добиено над 300 признанија, а врв на секоја учебна година е традиционалниот, спектакуларен Новогодишне концерт во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Зенил Реџепов-Стручни е првото лице во КУД „Гоце Делчев“ од Делчево. Тој е алфа и омега на ова друштво кое има традиција од 49 години постоење. Зенил ја води и манифестацијата „Пијанечко – Малешевска“ свадба која на неговиот регион помага како дел од туристичката понуда.

Д-р Светлана Кордумова Трајанова од Штип е најдоброто во регионот на полето на иновативноста. Таа е инвентивна млада личност која стои на чело на тимот кој создава нови софтвери од значење за текстилната индустрија но и за оние кои сакаат да купат облека за себе. Д-р Светлана за квалитетот кој го поседува во информатичката индустрија доби еден милион евра европски пари да продолжи со истражувањата, а нејзиниот тим веќе нарасна со над 50 вработени млади, орбазовани луѓе.

-Магистрантот на УГД Ана Михајловска, по потекло од Македонска Каменица, доби признание за најдобар млад научник. Лабораторијата и теренот низ целата држава се нејзино поле на делување, а е посветена на заштитата на животната средина. Ана е стипендист на рудникот САСА во кој заштитата на животната средина е прашање од врвен приоритет.

Игор Пехчевски од Берово доби признание за најдобар граѓански активист за својата голема борба за сите болни од цистична фиброза да го добијат лекот трикафта. Игор е една неверојатна личност која не се откажува од хуманата мисија државата да „погледне“ кон болните од тешката болест која и самиот ја има, а тој беше на чело на протестите за набавка на лекот и делумно во тоа успеа…

-Ресортот Магнолија на Пониква е најдоброто во областа на туризмот како нешто ново кое нуди светски стандарди во оваа важна стопанска гранка. Магноилија е остварен сон на Александар Крстевски од Кочани, страствен вљубеник во планинините и чистиот воздух и од месец во месец станува се поомилена туристичка дестинација како за домашни така и за странски туристи.

Територијалната противпожарна единица – Штип беше во спасувачка мисија од земјотресот во Турција во која  никој од петтемина членови не жалеше труд, време и силна посветеност да помогне во намалување на последиците од трагедијата. За тоа новинарите од регионот им го доделија признанието за солидарност.

-Истото признание за учество во спасувачката мисија во Турција му беше доделена и на Тимот за заштита и спасување од рударски несреќи, кој тим е од рудникот Злетово-Пробиштип и е дел од републичките сили во резервниот состав на Дирекцијата за заштита и спасување.

Супериор Диспеч Центар од магичната вечер во ресортот Магнолија во Штип се врати со признанието за најдоброто во услужните дејности за стопанството. Тоа е компанија од стотина вработени информатичари, правници, економисти, маркетинг агенти , компанија која придонесе за спречување на масовното исселување на младите од државата.

Ротари клубот Кочани-Виница од новинарите доби признание за хуманост за бројните донирања на опрема во здравствените институции во овие два града..

Групата „Ентузијасти“ – Штип се закити со признанието за општествена одговорност. Се работи за група од седум млади луѓе кои својата љубов и енергија кон локалната заедница ја употребуваат за враќање во одржлива форма на неколку црковни објекти  враќајќи им ги обновени на селаните за нивните верски потреби.

Проф.д-р Сашко Кедев доби признание за најдоброто во спортот за неговите подвизи во освојување на неколку светски врвови повисоки од 8.000 метри.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе