Жените во медиумите: Сензацијата носи кликови но ја задушува суштината

Во медиумите, жените најчесто се наоѓаат во две крајности – или се дел од сензационална сторија, или се целосно игнорирани. Нивните приказни стануваат вест само кога носат кликови, а нивните гласови ретко се слушаат кога станува збор за суштинските општествени промени. Наместо да бидат рамноправно застапени, жените во јавниот дискурс се сведени на стереотипи, приватни скандали и површни наративи кои не ја одразуваат нивната реална улога во политиката, економијата и општеството.

Овој начин на известување не само што ја искривува вистината, туку и директно влијае на нивната видливост и влијание во јавниот живот. Ако медиумите се вистинската моќ што може да ги менува општествените ставови, тогаш се поставува прашањето дали ја користат таа моќ за да ја зајакнат позицијата на жените или несвесно (или свесно) ја поткопуваат.

Финансиските фактори не играат голема улога – жените во Македонија, без разлика дали се маргинализирани или политички активни, редовно се или сензационализирани или занемарени во медиумите.

Иако медиумите имаат голема моќ да иницираат промени и да инспирираат различни движења, во многу случаи, кога станува збор за жените и женските прашања, изгледа дека тоа не им е приоритет. Наместо тоа, медиумите се фокусирани на добивање кликови и поголема читаност, што често резултира со поголема штета и ги обесхрабрува жените да се изразуваат и да бидат присутни. Ова не само што ги зајакнува штетните стереотипи, туку и го поткопува напредокот во остварувањето на родова еднаквост. Па така гласот на жената продолжува да биде маргинализиран, а нејзината вистинска улога и придонес во општеството остануваат незабележани.

Фокус на екстремните случаи

Медиумското покривање на жените жртви на родово базирано или семејно насилство често се фокусира на екстремни случаи – нагласувајќи го насилството, сиромаштијата и жртвата, додека подлабоките системски проблеми остануваат занемарени. Во меѓувреме, политички активните жени се потценуваат, нивните лични животи се ставаат под лупа и се изложуваат на поостра критика отколку нивните машки колеги.

Истражувачката и коосновачка на женската менторска мрежа Стела, Сара Миленковска, смета дека медиумите сè уште не известуваат на соодветен начин за родово базираното насилство и фемицидите, а и генерално за злоупотребата на жените во јавниот простор.

Сара Миленковска, женска менторска мрежа Стела | фото: Мета.мк

„Можеме да видиме како родовите улоги и родовите стереотипи влијаат не само врз начинот на кој се креираат наративите туку и во двојната виктимизација која што се случува токму поради несоодветното известување. Особено кога имаме нормализирање – во превод дозволуваме родово базираното насилство да не се сфаќа сериозно и да се стави товарот на вината на жената односно на жртвата. Така го креираме наративот дека жртвата е виновна“, појаснува Миленковска.

Таа додава оти медиумите не се осамени во придонесот кон лошите наративи поврзани со родово базирано насилство и фемицидот.

„Кога имаме институционално неадресирање, медиумите само продолжуваат да го прават тоа што институциите веќе го дозволуваат “, вели Миленковска.

Недостатокот на средства не е оправдување за сензационализам

Миленсковска смета дека иако медиумите се во неповолна ситуација, со недоволно финансирање и големи препреки во самоодржливоста, тоа не треба да биде оправдување за сензационализам, особено кога станува збор за известување за родово базирано насилство.

„Ваквото известување може понатаму да влијае врз судовите, врз други жртви кои поминуваат низ истото насилство или некои слични ситуации но водедно и низ генралната слика за тоа како ние ги третираме жртвите на насилство“, вели таа.

Го издвојува случајот со малолетното девојче од Велес кое беше силувано и продавано. Овој случај не само што беше сензационалистички претставен туку и влијаеше да се зборува за самата девојката и за нејзината историја.

„А станува збор за малолетно девојче, затоа мора да внимаваме но и да бараме одговорност од самите новински агенции за тоа кој е начинот на кој што тие пристапуваат кон оваа прашње“, вели Миленковска.

Пристапот треба да ги охрабри жртвите

Една од најчестите грешки кои ги прават медиумите кога известуваат за родово базирано и семејно насилство е тоа што не даваат доволен контекст за самата случка. Според Миленковска, во ред е да се корситат билтените на мвр за известување, но медиумите треба да видат кој е контекстот.

„Друга почеста појава е родово несензитивен јазик, се корстат зборови како ужас, шокантно, медиумите наместо да известуваат поважно им е преку насловите да дојдат до повеќе кликови, а не што ќе напишат во веста која ја објавуваат“, појаснува Миленковска.

Како што посочува таа медиумите мора да ја разберат одговорноста но и моќта што ја имаат да го оформат јавното мислење. Моќта на медиумите е да влијаат врз јавното мислење, потенцира таа, можат да придонесат да се подобрат политиките поврзани со родовата еднаквост, родово базираното насилство и генерално неинформираноста за проблемите на жените и девојките.

„Бројот на фемициди, бројот на домашно и родово базирано насилство и дигиталното насилство се реалноста која ја живеат сите жени и девојчиња, и тоа не смее да биде оставено на маргините или да биде оружје кое некој медиум ќе го злоупотреби“, вели Миленковса.

Протест на 8 Март 2020 г. | Фото: Ванчо Џамбаски

Жените во изборните циклуси се во слична ситуација

Жените кои учествуваа во кампањата за парламентарните избори во 2024 година се соочија со слични предизвици, јасен родов диспаритет во покриеноста, при што машките кандидати – особено партиските лидери – доминираат во медиумскиот наратив. Ова го покажаа резултатите од истражувањето за застапеноста на жените во политичкото рекламирање и во покривањето на интернет порталите, подготвено во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“ што го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) во соработка со Фондацијата Метаморфозис.

И покрај бројната застапеност на жените на кандидатските листи, сепак за време на кампањата, гласот на жените и женските прашања редовно бил маргинализиран.

Жените биле застапени со 43 отсто на кандидатските листи за парламентарните избори, но таа застапеност била слабо отсликана во кампањите и медиумското известување. Жените, а особено темите поврзани со родовата еднаквост, најчесто отсуствувале во известувањето.

Воочената недоволна застапеност на жените била обележана и со тенденцијата да се одржат традиционалните родови стереотипи, преку вообичаеното класично прикажување на жените преку нивната улога во семејството.

За време на избори медиумите ги јакнат традиционалните родови стереотипи

Истражувањето покажало дека лидерите на политичките партии и коалиции, кои најчесто ги поставуваат темите и ја одредуваат нивната важност, претежно не покажуваат родова сензитивност во своите изјави.

Како резултат на тоа, речиси и да нема новинарски содржини од автори кои се осврнаа на прашањата за родовата еднаквост, учеството на жените во изборите и важноста да учествуваат, еманципацијата на жените, родово-базираното насилство, родовите дезинформации и говорот на омраза или предизвикот за надминување на родовите стереотипи.

„Медиумската покриеност за жените беше површна, со повторувања и без длабинска анализа или истражувачко новинарство, и главно е сведена на пренесување на изјави од кандидати и други јавни личности“, се вели во истражувањето на Метаморфозис.

Скопе, 8 Март, 2020 г. | Фото: Ванчо Џамбаски

Како да се научи од позитивните примери на медиумско покривање?

Иако има позитивни примери од кои можеме да учиме, ситуацијата генерално не се менува и често се повторуваат истите проблеми во медиумското покривање на жените.

Случајот на Жизел Пелико е силен пример за моќта на медиумите да влијаат на јавната свест и правдата. Таа ја напушти анонимноста и се одлучи да ја сподели својата приказна со јавноста, и не само што го приближи судењето до широката публика, туку и ги осветли проблемите со родовото базирано насилство и системскиот недостиг на поддршка за жртвите.

Жртвата на масовното силување во интервју за „Франс 24“ изјави дека никогаш не зажалила за својата одлука да излезе во јавност откако нејзиниот бивш сопруг Доминик беше осуден на 20 години затвор, што стави точка на случајот што ги шокираше Франција и целиот свет.

Во овој случај, западните медиуми извршија клучна улова во обелоденување на клучните поенти, со опширни написи кои опфаќаат многу повеќе од соопштенијата на полицијата, обвинителството, или судските пресуди.

Во овој случај слично како случајот со малолетното девојче од Велес, жртвата беше дрогирана и силувана. Вакви случаи во Македонија има премногу, но известувањето за нив останува исто.

Родово засновани правила за финансирање

Родово заснованите правила за финансирање се позитивен пример за тоа како може да се создадат конкретни механизми за промоција на родова еднаквост во политиката. Спроед истражувањето на ИФЕС и Метаморфозис, на тој начин не само што се обезбедува финансиска поддршка за жените во политиката, туку и се создава позитивен притисок за партиите да ги исполнат обврските за родова застапеност.

Можеби за некого е изненадувачки, но земјите од Латинска Америка водат во спроведувањето мерки кои гарантираат видливост на жените кандидати во медиумите.

„На пример, Вишиот изборен суд на Бразил им доделува минимум 30 отсто од финансиските ресурси и бесплатното време за изборно рекламирање на женските кандидати“, се вели во истражувањето.

Во некои земји, политичките партии се поттикнуваат да ја промовираат видливоста на жените во медиумите преку дополнително финансирање, време за емитување или намалени цени за рекламирање.

Понатаму, во Италија и во Источен Тимор, партиите добиваат награди – или во форма на дополнително финансирање или време за емитување- врз основа на нивните напори да го зголемат медиумското присуство на жените кандидати и да ги исполнат одредниците за родова застапеност.

Ограничени засилувачи на стереотипите

Медиумската покриеност на жените во Македонија останува ограничена, сензационалистичка и често несоодветна. Тоа има спротивен ефект и придонесува да се одржат родовите стереотипи и да се маргинализираат женските прашања. Наместо двигател на општествени промени, медиумите често се засилувачи на системскиот неуспех во третманот на родово базираното насилство, политичката застапеност и родовата еднаквост.

Позитивните примери од други земји покажуваат дека соодветни регулативи и финансиски механизми можат да поттикнат поправедна застапеност на жените во медиумите. Затоа, неопходно е да се воспостават конкретни политики кои ќе ја подобрат медиумската видливост на жените, како и етички стандарди што ќе обезбедат одговорно известување за родово базираното насилство. Само преку вакви промени може да се создаде јавен дискурс што ги одразува вистинските општествени придонеси на жените, наместо да ги сведува на сензација или невидливост.

Пишува: Деспина Ковачевска

„Што ќе ни се ружи кога немаме за леб?“: В сабота марш и бојкот по повод 8 Март

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе