КАРБИНЦИ: Земјата на земјоделците

01.12.2017

Jordan-Nasev-201x300Вистинските земјоделци од општина Карбинци го кренаа гласот. Побараа државното земјиште кое досега го користеше само еден човек, и тоа од општина далечна стотина километри, да им биде доделено ним на користење. Нивниот слоган на денешниот протест беше „Земјата на земјоделците“.

Се работи за државно обработливо земјиште кое досега било давано на користење на фирмата „Поледелство“ од Крива Паланка.Оваа фирма плодните ниви од околу 300 хектари ги добила на користење пред повеќе години, а во последно време наместо да ги обработува ги давала под наем, што законот не го дозволува. Министерството за земјоделство им го раскина договорот, па сега земјиштето е слободно.

Владата на премиерот Заев е решена да ја враќа средната класа, а во таа филозофија се вклопува и поделбата на земјиштето на вистинските земјоделци, вели Јордан Насев, градоначалник на Општина Карбинци…

Според Лазо Ангелов, индивидуален земјоделец од село Тариниц, кој беше на протестите, тие бараат земјиштето да им биде поделено на земјоделците од Општина Карбинци.

Бидејќи Министерството за земјоделие го раскина договорот со пораншениот закупец, земјоделците побараа земјата да им биде дадена на користење зашто во оваа земјоделска општина нема од што друго да се живее. -„Ако оваа држава сака да останеме на родните огништа, да не бегаме во туѓина, мора да ни ја даде земјата за да можеме да работиме, да си ги издржуваме семејствата, да живееме од својот труд“, коментираше Атанас Велков.

Јордан Насев, градоначалник на Општина Карбинци информира дека Владата на премиерот Заев е решена да ја враќа средната класа, а во таа филозофија се вклопувала и поделбата на земјиштето на вистинските земјоделци.

„Секој од земјоделците треба да добие од 6 до 10 хектари обработливо земјиште. Тоа е и наша заложба. Предност за добивање на ниви ќе имаат луѓето кои живеат на територијата на нашата општина. Местото на живеење и бавењето со земјоделска дејност се двете работи кои доминантно ќе одлучуваат кои луѓе ќе добијат земја на користење. Факт е дека со таквиот начин на распределба социјално ќе се ситуираат над 500 семејства кои умеат со земјата“, посочи градоначаленикот Насев.