ШТИП: д-р Сашко Николов ја презеде функцијата градоначалник на Штип

Штип, 23.12.2020

Сенка Андреева, претседателка на Општинската изборна комисија денес, на пригодна свеченост во големата сала на Општина Штип, му го врачи решението за избор на градоначалник на овој регионален центар на д-р Сашко Николов.

-Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на мојот Штип. На градот кој ми даде сé и на кого ќе му го посветам најдоброто од себе и во секоја смисла. Нема да правам поделби на „наши“ и „ваши“ по ниту една основа. Ниту по политичка, ниту по верска, ниту по етничка. За мене секој жител на Штип си има своја вредност и секој може да даде драгоцен придонес во развојот на градот и општината, рече новоизбраниот градоначалник Николов.

Со Јане Миланов, досегашен в.д.градоначалник на предавањето на функцијата
Со Јане Миланов, досегашен в.д.градоначалник на предавањето на функцијата

Тој кажа дека во мандатот до месец октомври, кога следуваат редовните избори за нови локални власти во нашата држава, ќе се посвети на завршување на започнатите проекти од неговите претходници Благој Бочварски и Јане Миланов.

-Во овој миг не би сакал да говорам за конкретни проекти, но на посебна средба со новинарите ќе го обзнанам она кое во овој кус период може да се направи. И денес цврсто стојам на дадениот збор во предизборието дека во овој мандат ќе ја отпочнеме изградбата на сто мали куќи за социјално ранливи семејства, рече д-р Николов.

132631736_434910374581901_7167848751118736726_nНиколов уште потенцира дека за време на неговиот мандат во кабинетот ќе биде само кога ќе прима делегации и кога ќе има закажани средби со граѓани.

-Во сето друго време јас ќе бидам низ градот и општината. Ќе разговарам со луѓето, ќе примам идеи и сугестии, ќе вршам надзор над она кое се работи и над она кое во овој мој мандат ќе почне да се работи. Современ и одговорен градоначалник на град од форматот на Штип секогаш мора да биде таму каде нешто добро, потребно и квалитетно се гради, а е во интерес на сите кои животните судбини ги сврзале со нашиот преубав град и селата во општината, рече д-р Сашко Николов.