Предмети на рефлексија

362
Пишува: М-р Трајче Кацаров, писател
Пишува:
М-р Трајче Кацаров, писател

Vivat Academia!

Vivant professores!

Vivat membrumquodlibet!

Semper sunt in flore!

Дел од мојата генерација кога во 1978-та  година, го заврши гимназиското школување, се почувствува како да изавршило четири годишното робување, казната затвор со тешка принудна работа. На излегување од апсаната виолентините матуранти, го направија она што би го направиле секои што по долгогодишно робување ќе ја почувствуваат прелеста на слободата. Ги разобличија, училниците, „ќелиите“. Ги испокршија прозорците, клупите, таблите…Во тоа време на единствениот македонски ТВ канал, се вртеше телевизиската серија во која популарниот индиски актер Кабир Беди, ја играше насловната роља  „Сандокан“. Па кршењето на школскиот инвентар, стаклата од прозорците, всушност демолирањето на гимназиската зграда, се вршеше на фонот на популарната мелодија за „Сандокан и Маријана“. Додека малите ромчиња на трубите што беа поголеми од нив се трудеа да ги доловат популарните звуци на мелодијата, острите тонови од скршените клупи и прозорци се надаваа како тонови од „пратечки“ инструменти.Во мајскиот број на тогашниот дневен весник „Вечерње новости“,печатен на српски јазик, се појави статија во која остро беше осуден вандалскиот чин на штипските гимназијалци. На некој начин мојата генерација влезе на страниците на славните личности и настани од историјата на гимназиското школување во Штип.

Кога во Мај годинава, како дестинација од книжевната посета на некои од сремските градови, а и Белград, се најдов во славната гимназија во која некогаш учел великиот српски поет Бранко Радиќевиќ, се почуствував како да сум во музеј на просветата, односно како да сум во музејот на сите светски гимназии.

Да, така некогаш, но и денес треба да изгледа гимназијата. Се‘ во неа да говори за славата на некогашните нејзини ученици, за нивните личности и дела. Зашто и покрај грижливо зачуваниот гимназиски инвентар во гимназиската библиотека и училниците, книгите со историски вредности, најзначајни беа имињата на оние кои учеле во неа. Тоа ми беше доволен аргумет да сфатам зошто Ненад Гручиќ, директорот на Институцијата „Бранково Кола“, ја избра библиотеката во гимназијата за да ја прими меѓународната награда за животно дело што ја доделува Фондацијата „Презент“ и Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје, Македонија.

Има еден многу интересе афоризам напишан од бугарската поетеса Јана Јазова, пријателка и соработничка на великиот бугарски интелектуалец, со штипско потекло,  Александар Балабанов. Во афоризмот на Јазова стои запишано дека наградите и казните не доаѓаат од надвор. Секој самиот себе се наградува и казнува.

Текстот сакам да го завршам со една моја размисла која ме наведува да кажам дека сите ние во животот градиме, односно создаваме „предмети, или нешта на рефлексија“. Во статијата што Јонеско ја објавил во 1972 год. во „Монд“ стои запишано дека некој делегат на Меѓународниот собир на УНЕСКО и Меѓународната конференција за културните политики, потсетил дека е невозможно да живееше во едно општество, а да не се изразиш за него. Настанот поврзан со мојата генерација во 1978 година, па она што ни се случува денес со „Скопје 2014“ и со „Шарената револуција“ сето тоа може да се протолкува како своевиден  израз за општеството.