Zoti Али, не прави не сите будали!? ( Zoti Ali, mos na bëj të gjithëve budallenje)

Охрид, 20.04.2017

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Си земам за право, да искажам јавно несогласување, со изјавата (ставовите) на лидерот на ДУИ Али Ахмети, по звчерашната средба во Мала Речица со Карл Билд. Имено, Ахмети изјави дека ДУИ “ги направила сите свои обврски околу формирање на новото мнозинство, меѓутоа главната политичка одговорност паѓа на големите македонски партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ”!

Ниту ДУИ ги исполни сите свои обврски, ниту тоа го направи навреме, туку со “задоцнета памет”, со многу калкулации и со видлива неискреност кон новиот партнер – СДСМ!? Од неговите изјави може да се прочита намера за организирање на лидерска средба, некакво ново Пржино, кое, после се, едноставно ќе го спржи Заев како политичар.Високо позоционирани поединци од ДУИ, веќе лиферуваат информации дека Заев тајно се среќава со Груевски, што, дури и да не е точно, е сосема доволна темпирана мина, која може некого лесно да го разнесе и однесе од политичката сцена, а тоа, во ситуацијава, не е Груевски.За него, секој нов, купен ден, е добредојден!

Да беше поинаку, целата оваа рошомонијада, ќе завршеше на почетокот од конституирањето на парламентот. Вака, Ахмети им оди на рака на националистите, кои предлагаат чисто македонска влада, на што би следела чисто албанска реакција! Песимистите би ја прочитале и вака: Нека си покршат глава тоа Македонците мегу себе, а потоа, ние, на готово, ќе си дојдеме по нашето!?

Али Ахмети не може да се однесува како “да није одавде”, зашто тој е позамашно вграден во “главната политичка одговорност” на ВМРО ДПМНЕ. Тој не може да бега од жешките костени и да ги остава на друг, зашто токму тој, истовремено, и сеуште, е владин коалициски партнер со ВМРО ДПМНЕ, односно парламентарен коалициски партнер со СДСМ!?  Или, мутаво си седи на две столчиња, или е голем фанатик во обичајното право те не сака “да плука во стариот бунар”, додека “го копа новиот”!?

Зошто, пак, токму јас, си земам право да му “солам памет” на Али Ахмети. За оние што не знаат, затоа што имам малку “минат труд”, кога е во прашање и тој самиот-како личност и како политичар.

Прво ќе го потсетам, на големите зборови што ги кажа во Дебар, пред “само” 14 години, а потоа ќе го пренесам делот од мојата прва книга “Рани спомени”, одломката:  “Првото јавно појавување на Бранко Црвенкоски и Али Ахмети во Дебар” (стр.226 ).

“Со ова ние докажуваме дека за големи прашања од интерес на државата имаме консензус и заедно ќе се залагаме да градиме и да воспоставиме позитивни вредности во оваа земја” – рече тогаш Ахмети.

И како “ќе градиме и ќе воспоставуваме позитивни вредности во оваа земја”, кога сме единствен пример во светот, кога еден лидер (се вика Али Ахмети!), сеуште, седи во власта, која не сака да ја предаде на новото парламентарно мнозинство, a во кое, повторно, е и тој самиот!? Нели, изгледа премногу шашаво!? Зарем е толку тешко, да се излезе на говорница и лично на Груевски , во очи, да му се каже она истото, што се кажува “виа Тирана”, од Еди Рама!? A тоа е дека веќе сте имале стокмено мнозинство со Никола, дека ти ја прифатил и “Тиранската”, ама нешто пукнало во “пет до дванаесет!” како што тврди сеинформираниот и сезнајниот тупаџија Хорхе Паљурски! Има, ли, “поголеми прашања од интерес на државата”, од овие во моментов, зоти Али? Затоа, zoti  Али, не ни ги мачкај и натаму “очите со мраз” (Mos na i lyej sytë me akull!), гледај си го алот свој, ама не  прави не сите будали (mos na bëj të gjithëve budallenje)!

А сега, дел лични сеќавања, објавени  и во “Рани спомени”. Случајот сакаше, летото 2003 година, првото јавно појавување на тогашните владини партнери Бранко Црвенкоски и Али Ахмети, да го организира мојата дребност – од изборот на местото, до севкупната содржина, односно агендата на посетата, која заврши со заеднички ручек на брегот на Дебарското езеро.

Во тоа време формално ја извршував функцијата директор на Агенцијата за информирање на РМ, неформално – ја раководев владината Канцеларија за односи со јавност. Дотогаш се гледаа само во премиерскиот кабинет, надвор од очите на јавноста. Од екипата околу премиерот, посебно од шефицата на Кабинетот, имаше заедливи коментари за мојот избор на градот, од аспект на  безбедностa на премиерот. Образложението што тој лично го побара, го илустрирав низ една досетка и една лична анегдота: Ако изгори Стамбол, има кој да го изгради, но ако изгори Дебар-нема!Односно: Кога ја водев екипата на ФК Охрид на натпревари, во Прилеп јадевме ќотек, а во Дебар – јагне! Таму е цветот на албанската нација, и ако веќе убиваат го прават тоа  политички, а не физички – им велам.

По моето видување,  заедничката посета требаше да упати политичка порака во знак на посветеноста кон  комплетната реализација на рамковниот договор и второ дека безбедносната состојба во земјата е апсолутно стабилна, во секој нејзин дел.

Работи на случајот, рече Црвенкоски, на што пак јас “потрошив” добри две недели.Дел од пакетот, беше и исполнетото барање на градоначалникот Имер Ологу, за средства за изградба на нова зграда на локалната самоуправа, бидејќи претходниот простор изгоре во пожар.

Со Ахмети беа и Агрон Буџаку и Гзим Острени. Се мина како под конец, од дебарчани беа примени со овации, во агендата имав ставено прошетка по чаршијата и посета на златарскиот дуќан и домот на  семејство на сега починатиот Ибрахим Еребара, (историската фотка на потпалувањето на цигарата!?), а за сето тоа да изгледа работно, централен настан беше посетата на гипсарата “Кнауф”, за што лично, моето другарче Тодор Деловски, тогашен прв човек на фирмата, се погрижи од Виена, со приватен авион, да допатува сопственичката на концернот, госпогицата Beatrix Knauf.