СВЕТИ НИКОЛЕ: Киноверзум го обедини истокот

Свети Николе, 09.11.2021

„Миле, кај си бе, не сме се виделе сто години. Трбаше да дојдеме во Свети Николе, на кино, за да се сретнеме, во Штип не најдовме време.

Вакви дијалози се водат почесто во киното Киноверзум кое работи во состав на Меѓународниот Центар за Славјанска Просвета, кој пак е составен дел на Меѓународен Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе – Битола.

sv02Идниот месец „Киноверзум“ ќе наполни две години од почетокот на работата како 3Д кино, единствено од ваков вид и воопшто единствено кино во Источниот регион. Киното е сместено во прекрасниот амфитеатар на Славјански, со околу 300 комфорни седишта. Во студените денови салата е затоплена, а преку лето климатизирана.

  • Ни доаѓаат љубители на филмската уметност од Штип, Скопје, Кочани, Велес, Куманово, Пробиштип, Свети Николе… Се гледаат филмови, се создаваат нови познанства и пријателства, тука се среќаваат и стари пријатели кои, зафатени со својата работа, подолго време не се виделе. На кино доаѓаат и цели семејства, а јас би рекла дека на некој посебен начин Киноверзум го обедини истокот – вели м-р Михаела Ѓорчева, директорка на Меѓународниот Центар за Славјанска Просвета.

sv03Деновиве во центарот на интересот на филмофилите беше српскиот филм „Тома“, инспириран од животот и делото на познатиот пејач од времето на екс Југославија – Тома Здравковиќ. Филмот се прикажува три недели, а гледачите беа воодушевени како од филмската приказна исто така и од севкупноста на амбиентот во кој имаа прилика да го гледат овој веќе култен филм на бившите ЈУ простори.

  • Киноверзум во вистински момент ги прикажува светските филмски хитови. Кога еден таков хит филм премиерно се прикажува во Њујорк и во најголемите европски и светски метрополи се прикажува и во Киноверзум во Свети Николе. Таков беше случајот со филмот „Вечните“ во кој главната улога ја игра Анџелина Џоли или со неодамнешната проекција на најновиот филм од серијата за Џејмс Бонд, филмот „Не е време за умирање“ со Даниел Крејг во главната улога, вели Ѓорчева.

Според Ѓорчева, во Киноверзум, во работните денови од понеделник до петок дневно се прикажуваат по два филма, во сабота три, а во недела има дури пет проекции.

  • Покрај гледањето филм, во недела многу семејства се собираат и на семеен ручек во нашиот ресторан. Убаво е да се види таа семејна хармонија, да се биде дел од денот кога децата гледаат филмови погодни за нивната возраст, а нивните родители филмови од најновата светска продукција, за потоа сите заедно да се соберат на семеен ручек, појаснува Михаела Ѓорчева и додава дека неретко цели друштва го прават тој ритуал.

Наскоро на репертоарот на Киноверзум ќе се најде и најновото филмско остварување „Јужен ветер: забрзување“ со Милош Биковиќ во главната улога, филм кој е голем хит и чии карти се однапред распродадени за неколку проекции. Наскоро гледачите ќе можат да го гледаат и филмот „Спенсер“ посветен на животот на принцезата Дијана, а на 25-ти овој месец на репертоарот ќе се најде филмот „Куќата Гучи“ со Лејди Гага во насловната улога. На 16-ти месецов љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да го проследат филмот „Човекот пајак: нема пат до дома“ а на 23-ти ноември и филм од најновото продолжение на „Матрикс“.

  • Имаме редовна филмска понуда и за најмалите љубители на филмот, при што сакам да потенцирам дека на 25-ти овој месец во Киноверзум ќе се прикажува филмот „Енкато – нашиот волшебен свет“ произлезен од филмското студио на Волт Дизни, информира Ѓорчева и додава дека наскоро во комплексот на Киноверзум, ќе биде отворена изложба на стари кинопроектори и фото апарати од кои веќе се набавени над сто парчиња.