M-р Николина АТАНАСОВА, од Виница, 26 години, дипломирала новинарство и односи со јавност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а магистрирала на Факултетот за образовни науки на модулот за Предучилишна педагогија. Со тоа стана првиот медиумски едукатор во Македонија што поседува компетенции да пренесува знаење преку медиуми на деца од 2 до 6 години. Таа е днешен гостин на istokpress.mk, a за нашиот портал го кажува својот поглед на нашите работи воопшто и во услови на пандемија од корона вирус.
Николина, каде си, што работиш во ова време/невреме?
-Во моментот работам во Фирмата „Винитек фарм“ каде што практикуваме еден поинаков начин на работа, живеење и едукација во едно. Учење во склоп со природата, учење животни вештини и еден поразличен начин на воспитување од оној класичниот. Среќна сум и исполнета со својата работа.
Што е со отворањето едукативен канал за деца?
Целта за отворање на едукативен канал веќе е исполнета. Изработувањето дигитални едукативни нагледни средства секогаш ќе биде моја пасија и работам на тоа да создадам услови да можам да изработам што поголем број. Тоа е концепт за кој работев четири години и област на која што магистрирав но и научив многу. Она што може да се види на каналот во моментот делумно не ги исполнува критериумите за едукативен канал за кои јас и проф. д-р Кирил Барбареев креиравме посебен концепт. Нешто што како основно мора да се промени не само кај нас, туку во целиот свет насекаде е категоризацијата. Децата помали од една година не смеат да бидат изложувани пред ТВ екраните и сите видови медиуми и тоа гласно треба да се промовира. Не смее да постои терминот „Наменето за целата публика“, последиците се катастрофални на светско ниво и истото е потврдено во голем број научни трудови.
Го работиш ли она што го сакаш или она кое го мораш?
Имав среќа што во моментот условите ми дозволуваа да продолжам нормално со мојата работа и да бидам искрена познавајќи го мојот карактер и темперамент имав исклучителна среќа. Кога станува збор за останатите мои ангажмани, работилници, активности сето тоа во моментот е на пауза.Според мене најважно е да го работите она што го сакате. Можам да кажам според условите што ги имам да тоа е работа од соништата. Имав среќа со оглед на мојата работа голем дел од денот да сум надвор во природата, кога морам да сум дома читам од областа што ме интересира, од неодамна повторно и се вратив и на слободната литература. Морам да кажам дека доста користам и мобилен и помагам на мојата мајка бидејќи е учителка и сето ова за неа е премногу пред пензија. Се трудам да ги насочам мислите кон продуктивни нешта, затоа што во спротивно и не би се чувствувала баш пријатно.
Како се справуваш со вирусот…Што работиш кога си затворена дома, гледаш тв, читаш нешто од струката или сосема трето…
Кога станува збор за корона вирусот ќе кажам дека сум претпазлива, а и луѓето околу мене се максимално претпазливи, колку што им налагаат условите. Лично јас не се согласувам со голем дел од мерките и препораките. Тоа не значи дека не ги почитувам и ја загрозувам туѓата безбедност. Јасно е дека не само мене како млада личност, сите луѓе ги ограничи оваа состојба на некој начин. Сепак треба да се справуваме со сите предизвици во животот. Не знаеме што сé ни носи.
Дали младите едуцирани кадри имаат шанса својот потенцијал да го искажат ставајќи го во интерес и на држава?
Ако мислите вие дека е правда што четири години некој зборува за дигитални едукативни нагледни средства, пишува научни трудови ги плаќа од џеб на родителите и презентира научен труд пред тројца професори бидејќи се комисија. Ако мислите дека е во ред од Бирото за развој да излегуваат со платформа за дигитално учење за недела дена, за исто толку време да се отвори и канал за програма за деца, тогаш живееме во праведно општество. Најлошото е што државата сеуште не е ни свесна какви кадри поседува и кој сé не си заминал од овде. Каде ќе не одведе ова не знам, но знам дека селективноста кај нас сеуште цвета. Затоа младите се исселуваат секој оди некаде за да му биде подобро, поубаво. Како му е? Тој најдобро знае.
Како Николина ги восприема аплаузите кои низ светот се наменети за здравствените работници, дали доцна светот се сети на нив, а и ние секако?
Нема да зборувам за народот. Ќе ви кажам дека и јас доцна научив да кажам извини, да кажам благодарам, да кажам дека некој нешто сработил подобро од мене, но и да го пренесам она што го знам не држејќи го само за себе. Сепак никогаш не е предоцна. Јас верувам дека секој може денес да биде подобар од вчера. Желбата за индивидуален напредок е лична, јас посакувам да ја има што повеќе насекаде.
Знам дека многу читаш, примаш секакви информации, па ме интересира твојот став во однос на тоа кога ќе си замине овој вирус?
Вируси имало и ќе има. Според мене природниот имунитет е многу поважен од сите нив. Кога станува збор за ранливите категории тие треба да се заштитат, но и да им се обезбеди услови за тоа. А кога ќе си замине не знам но знам дека се што доаѓа во еден момент мора и да си замине. Така е тоа во животот.
Иван Бојаџиски