Бобан Николов го посети своето училиште во Три Чешми, учениците пресреќни од средбата со фудбалскиот репрезентативец
Штип, 21.12.2018
Бобан Николов, фудбалски репрезентативец на Македонија, фудбалер на Мол Види во Унгарија, денес, на покана на раководителот Милан Васиќ, беше во посета на училиштето во штипската населба Три Чешми. Николов е бивш ученик на ова училиште.
„Бобан оствари импресивна и емотивна средба со учениците и вработените во училиштето. Неговиот разговор со учениците траеше околу два часа. Учениците беа многу љубопитни, а Бобан трпеливо одговараше на нивните бројни и различните прашања“, вели директорот Васиќ..
Престојот на Бобан во училиштето беше збогатен со две уметнички точки, а разговорот неколкупати беше прекинуван од бурните овации на учениците, покренати од љубовта кон него.
Пред разговорот со учениците, од името на училиштето Бобан беше поздравен од раководителот Милан Васиќ, а за него говореа и неговите наставници, кои го учеле во времето кога Бобан бил нивен ученик.. Дел од наставниците сега се во други училишта но дојдоа на средбата со својот омилен и скромен ученик.
„Поканата да дојдам во моето училиште и да разговарам со учениците, да се сретнам со моите учители ме импресионира. Ги искористив деновите кога немам фудбалски ангажман, дојдов во училиштето и ми беше прекрасно, Во дневникот си ги видов оценките, децата беа љубопитни, јас одговарав на нивните прашања. Ова за мене беше една многу емотивна средба и многу сум благодарен што истата ми беше овозможена“, рече Николов.
За раководителот Милан Васиќ одлично е тоа што средбата поминала во исклучителна атмосфера. –„Учениците прашуваа, Бобан одговараше на секое прашање, имаше и смешни досетки па сите присутни слатко се смеевме. Јас велам дека имавме исклучителен ден со Бобан Николов кој е една прекрасна млада личност, не само успешна во фудбалот туку и одлично воспитана и културна во секој поглед“, рече Милан Васиќ.
На крајот од средбата, раководителот Васиќ, на Бобан Николов му врачи Пофалница, божикни и новогодишни честитки, скромни подароци и му се заблагодари за минатогодишната донација летниковецот кој го краси училишниот двор.
„Ние како училиште сме горди на Бобан, што тој покрај тоа што е одличен спортист, се разви и во успешен и авторитативен млад човек, а посебно ја истакнувам неговата хумана и хуманитарна активност“, коментираше Васиќ..
По завршувањето на средбата, Бобан долго време трпеливо делеше автограми и се сликаше со учениците…