Штип, 22.01.2017
Што толку убаво има во тоа ако една фабрика се затвори? На кого, еден таков чин може да му донесе макар и трошка радост, среќа и задоволство?
Е, и таа мизерија ја има кај нас.
Пропаѓањето на фабриката за масло Брилјант неверојатно многу ги израдува медиумите кои се под капата на власта. Нивните уредници не го криеја својот восхит од фактот дека се затворила една фабрика која не билна „на нивните“! Восхитот нивен да ти бил резултат на фактот дека сопственикот имал многу блиски релации со екс претседателот на државата Бранко Црвенковски. А плус тоа и увезувал српско, неквалитетно нерафинирано масло. Со акцент на – српско.
На восхитените од настанот ниту на ум не им дошло сознанието дека со ставањето клуч на врата на фабриката без работа останаа стотина вработени. Меѓу нив и поголем број брачни парови кои 26 години среќата ја градеа преку својот труд и можностите кои им ги пружаше оваа штипска фабрика. Но, вмровските гласноговорници се пресреќни што пропаднала инвестиција на бизнисмен-ептен близок пријател на Црвенковски, плус тоа, како што објавија медиумските курири и куртони, и донатор на СДСМ!
Прашање над сите прашања е дали на некој од уредниците на овие мизерни медиуми му текна да дојде во Штип, да посети барем едно семејство, да види што нему му значи кога се става катанец на неговата егзистенција? Или тој факт нафатираните пријатели и подржувачи на власта ич не ги допира?
Сепак, треба да се знае и тоа дека прашањето зашто пропадна Брилијант е сеуште отворено. Има повеќе шпекулации и ниту една потврдена од валиден извор информација. Шпекулациите се движат од неподносливи притисоци на власта врз сопственикот Мите Николов зашто тој ти бил близок со Црвенковски и СДСМ, до тоа дека самиот Николов, во последно време, направил погрешни деловни проценки поради кои западнал во финансиски проблеми па морал да ја затвора, а можеби и продава фабриката во Штип.
Што и да е причината за затворањето на Брилијант тоа не може да биде момент кој ќе израдува било чиј нормален ум. Но, ова е Македонија, држава во која седум од дванаесет прилози за ударен дневник во најгледана ТВ се нарачуваат од кабинетот на премиерот. А потоа таквите „независни информации“ ги проследуваат и сите курири на власта кои со државни пари стануваат се побројни и се „понезависни“.
Да не нешто е ист случајот и со информациите кои медиумските курири и куртони им ги доставија на нашата јавност во случајот Брилијант?