ВИНИЦА: Бистата на херојот Кирил Михајловски Груица се враќа на плоштадот

Виница, 22.11.2018

Постои голема веројатност бистата на Народниот херој Кирил Михајловски со партизанско име Груица од затворениот простор во дворот на некогашната фабрика „Трико“ да се врати на виничкиот плоштад. За такво нешто во моментов се разговара помеѓу Боречката организација и локалната самоуправа, односно Советот на општината и градоначалникот Ивица Димитров.

 Ивица Димитров, градоначалник
Ивица Димитров, градоначалник

Бистата на херојот по создавањето на независната македонска држава беше поставена на аголот од раскрсницата на патот кој од Виница води кон Берово, на место на кое има мноштво куќи, кафулиња, продавници за се и сешто. Но, во втората половина од девесесеттите години на минатиот век, кога локалната власт ја превзеде ВМРО ДПМНЕ, речиси преку ноќ од постаментот беше откината главата и фрлена во блиската Винчка река. Борците ургентно ја вратија на нејзината природна позиција но по некој ден виничките вандали одново пукаа во ликот и делото на херојот, а неговата мраморна глава се најде фрлена на улица. Таа слика се повторуваше повеќепати во тие години.

„Ние не видовме друго решение освен бистата да ја префрлиме на сигурна локација, а тоа беше затворениот двор на фабриката „Трико“. Со сите почести ја поставивме пред управната зграда на фабриката. Се одлучивме за „Трико“ бидејќи херојот Груица беше прв директор на оваа фабрика за трикотажа. Беше тоа на почетокот од двеилјадитата година, а бистата си остана таму до ден денешен. Ние на секој значаен празник ја посетуваме и во чест на капиталното дело на генерал-мајорот и народен херој Кирил Михајловски Груица пред неговата биста положуваме букети свежо цвеќе. Така беше и на 30 август годинава, на Денот на ослободувањето на Виница, ни изјавија Огњан Спасевски, претседател и Тодор Димитров, секретар на Боречката организација во Виница.

46520431_2155849298010269_4723073980909486080_nТие информираа дека од името на својата организација до Советот на Општина Виница и до градоначалникот Ивица Димитров испратиле писмо со барање за преместување на бистата на Народниот херој Груица од сегашната негова локација на некое порепрезентативно место во градот. Димитров и Спасевски рекоа дека за најсоодветно место го сметаат Градскиот плошда каде, според мислење на борците, треба да се постават и бистите на народниот херој, штипјанецот Ванчо Прќе и на првоборецот Тошо Арсов, убиени оф фашистите во близина на Виница. Бистата на Ванчо Прќе се наоѓа пред зградата на некогашните општествено-политички организации која сега е руина, а на Тошо Арсов пред поранешното кино во градот.

„Со сиот респект го разгледавме барањето на Боречката организација во однос на бистата на Народниот херој Кирил Михајловски Груица. На седница на  Советот на општината и во договор со Боречката организација ќе ја изберреме најдобрата локација за херојот Груица. За квалитетна ја ценам и идејата на иста локација да се постават и бистите на народниот херој Ванчо Прќе и на првоборецот Тошо Арсов. Сега постојат услови за тоа, а наша е обврската на луѓето кои се бореа, а некои од нив за време на Втората светска војна загинаа за нашата слобода, да им се оддолжиме на вистински начин“, вели градоначалникот Димитров.

Инаку, Кирил Михајловски Груица е роден во Виница во 1916 година, а починал во Белград во 1991 година. За Народен херој на Југославија од Македонија е прогласен на 29 ноември 1953 година. По ослободувањето неговата силна желба за родното место и големата творечка енергија го врати во родната Виница каде беше првиот директор на фабриката „Трико“ и обавуваше значајни општествено-политички функции. Виничани го почитуваа својот Груица, а тој им возвраќаше со својата убава насмевка и добриот збор за секого.

Проценките се дека бистата на херојот Груица ќе биде поставена на плоштадот, а кај борците стои и идејата кога ќе се случи нејзиниот „втор живот“ на настанот да биде поканет некој од неговото семејство. Потомците на Груица живе аат во Белград.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе