ШТИП: ВМРО ДПМНЕ и Бочварски ја спукаа и околу ФК Брегалница

Штип, 22.11.2018

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ која е во малцинство во Советот на општина Штип го обвини градоначалникот Благој Бочварски за неодговорно управување со парите за ФК Брегалница и со Градскиот стадион. На обвинувањата стигна експресен одговор од Бочварски.

ЗДРАВКОВ: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И РАКОВОДСТВОТО НЕМААТ ВИЗИЈА

Љубе Здравко, советник од ВМРО ДПМНЕ на прес конференција, за случувањата во и околу ФК Брегалница го кажа следното:

„На денешната Комисија за финансирање, имаме непристојно барање. Раководството на ФК Брегалница од Советот на Општина Штип бара дополнителни 1.000.000 денари. За да доближиме работата на ФК Брегалница до граѓаните и да објасниме од каде потекнува нашето незадоволство, мора да ја образложиме целата состојба на клубот и просторот кој го користи. Сликата која можеме да ја видиме на Градскиот стадион, говори за тоа каква е визијата на Градоначалникот и раководниот тим за развојот на најголемиот и најпознатиот фудблски клуб во Штип. Исушена трева, лоша состојба на трибините и руинирани површини немо говорат за негрижата на градските власти за фудбалот. Се ветуваше изградба на трибински и подтрибински дел, уредување на помошното игралиште, меѓутоа и една година после ветеното, нема конкретни резултати, иако општината веќе потроши 15.000 евра за проект, кој го гледаме само на видео снимка“, рече Здравков пред новинарите.
И продолжи : „За резултатите на клубот Брегалница, пак, говорат фактите. Се ветуваше дека клубот ќе влезе во прва лига за една година, но моменталната состојба е следна – и после една година клубот се наоѓа на позиција, од која можностите за влез во прва лига се минимални, а нема изглед дека ситуацијата ќе се промени во блиска иднина. Клубот Брегалница е без претседател, преседан кој не се случил во историјата. Ова отвара бројни прашања од типот – чиј интерес треба да задоволи претседателската позиција?
Од друга страна пак, во штипските спортски кругови и во националните медиуми на големо се коментира сомнителноста на резултатите. Ако се земе во предвид дека директорот на клубот, во исто време е Советник и претседател на Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип, а експерименталниот поранешен тренер на клубот е во блиска роднинска врска со претседателот на ОО СДСМ во Штип и вработен во Општина Штип, многу лесно се појавуваат сомнежи за транспарентноста и чесната работа на клубот. Политиката е сериозно навлезена во работата на Брегалница, а тоа се гледа и од составот на Управниот Одбор, во кој има исклучиво партиски војници на СДСМ“, порача Љубе Здравков.

Според него ФК Брегалница за 2018 има годишен буџет од 10.000.000 денари, а ЈП Исар троши 3.344.920 денари за одржување на теренот. Тоа се народни пари, за сметка на кои сите ние очекуваме резултати, но гледаме само руина од терен, скандалозни и сомнителни резултати и згрижување на партиските кадри, кои се добро платени и покрај нивната неефикасност. И, додека клубот тоне, раководството успеа да прошета низ најпознатите светски плажи и да ужива во друштво на високи партиски функционери од партијата на власт, а од граѓанските пари бара дополнително средства за оваа ужасна состојба“, беше ставот на ВМРО ДПМНЕ преку гласноговорникот, во овој случај советникот Љубе Здравков.

БОЧВАРСКИ: ЗДРАВКОВ И ВМРО ДПМНЕ  СЕ ЛИЦЕМЕРИ

 Веднаш по пресот на Здравко со изјава се јави градоначалникот Благој Бочварски:

„Лицемерието на советникот Љубе Здравков и ВМРО-ДПМНЕ нема крај.Ова раководство на ФК Брегалница врати 1.500.000 денари или повеќе од 25.000 евра долгови оставени од времето на криминалите на ДПМНЕ. Време во кое ФК Брегалница имаше речиси двојно поголеми буџети, а нижеше неуспеси и излезе од Првата фудбалска лига. Јавно го прашуваме советникот Љубе Здравков дали во времиња кога Брегалница излегуваше од прва лига, тој гласаше за двојно поголеми буџети од преку 18 милиони денари“, рече Бочварски.

Градоначалникот на советникот Здравков му упати јавно прашање зашто ги поддржувал двојно поголемите буџети на ФК Брегалница во моменти кога таа излегувала од прва лига.

„Граѓаните добро се сеќаваат на одлуките на тогашната власт. Лицемерието на советникот Љубе Здравков оди дотаму што личните ставови и одлуки ги променува по партиски наредби и единствено за политички поени. Денес парите доделени на ФК Брегалница одат на вистинското место, навремено се исплаќаат плати, се сервисираат долговите останати од ВМРО-ДПМНЕ и се инвестира во инфраструктура потребна за напредок на овој клуб. Денес Брегалница ја водат спортисти и спортски работници, за разлика од времето на ВМРО-ДПМНе кога ја водеа нивни партиски послушници“, изјави Бочварски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе