ВМРО ДПМНЕ и СДСМ “се сопнаа” врз фашистичката сенка на “Цар Борис Трети” !?
Стојанче (Ангелов) излезе со став дека отворањето на бугарскиот Клуб “Цар Борис Трети” во Охрид, “случајно” отворен на денот кога, од Софија во Скопје, се пренесуваа посмртните останки на идеолог на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, “не треба да се коментира, туку да се игнорира”!
А во Охрид, вчера, нагрнаа телевизиски екипи и фоторепортери, колку што не сме виделе уште од времето на “патувачкиот тетар: на вождот Слобо и другите републички лидери, во очи на крвавиот распад на титова Југославија, земјата чувана “како зеницу ока свога”!
Не, бе, Стојанче, не оди тоа така. Прво, ние живееме на еден простор што се вика Балкан-валкан. Да живеевме во Шведска,или Норвешка, можевме и да го игнрираме тоа што, таму некаде во Охрид, некои деца сакале да добијат во атрактивност.
И второ, на тие деца, на гости им дојдоа и бугарски медиски екипи, заедно со претставници на официјалните софијански власти, во ликот и делото на амбасадори, конзули, финансиери и други “зверки”.
И најважно, Клубот, кој, нели, “не е спорен по ништо, освен по името!”, на фашистот и колаборационистот Цар Борис, не го овторија Бугарите, туку го отворивме самите ние, со своето чинење, односно нечинење!
Претседателчето на Клубот , за кое охригани велат дека, досега, “и не го знаеле како лошо дете!”, убаво си кажа:Ние ги испочитувавме и Македонија и Македонците, не направивме ништо лошо, ништо надвор од законите.
Со наши камења, по нашите глави!
Здружението не е од вчера, вели претседателчето, тоа пости една година и нокој досега не “гукнал”!?
Така е. Во право е претседателчето. Министерството за правда допрва ќе формира некаво тело, чии одлуки, ќе немааат ретроактивни надлежности: “Цар Борис Трети” и “Ванчо Михајлов” се легални и легитимни асоцијации, се е според законите!
Бујар Османи и МНР, исто така, папагалисуваат дека се работи за загарантирани уставни права на “чувеците”, никој не треба да ги “закача” “добрите дечки” од Охрид, тоа се нивни права.
Така е Бујар, ама нивните права не смеат да задираат во моите права. Мое право е да не прифаќам повампирување на фашизам, славење на фашистички главатори, соработници на Адолф Хитлер, убијци на невините деца во Ваташко, на моите хериои – патриоти од Втората светска војна.
На само педесетина метри од канцеларијата на Цар Борис Трети е зградата во која војската на “бугарскиот цар – обединител”, ги осуди на смрт Лазар Колишевски, Петре Пирузе – Мајски, Јаким Спироски и други антиобединители, всушност, првоборци за денешна Македонија!
Едниот од нив, Мајски, боравеше во мојот роден дом во Црвена Вода. Како, сега, јас ќе ги превртувам коските на дедо ми Ангеле, на татко ми Ристо, на чичковците, соселаните…?
А што ќе да речат Евреите од Македонија и светот, истите оние чии предци, токму фашисот цар Борис, ги испрати во логорите на смртта, таму ги оставија своите коски илјади и илјади македонски Евреи!?
Бујар и неговото министерство се олицетворение на попустливост и сервилност, кога се во прашање Бугарија и нивните официјални власти. Во име на што Бујар? Во име на ЕУ, нели!? Твоето соопштение беше симетрично. Да не кажам поданичко, демек, подеднаква е вината и на носителите на оваа очигледна провокација и на евентуалните попречители!?
Не Бујар, играш на погрешна карта. Прво, ова е сигнал, море доказ, дека за официјална Софија, нема лимит, ниту небото нема да е лимит, во измислување на нови рачки и кочници, за попречување на нашиот влез во ЕУ, како полноправна членка.
До вчера, беше, да го смениме Уставот, денес е, од фашистот-хитлероец Борис Трети да направиме уставна категорија, а , утре што ќе биде, утре?
Стариот политички лисец Џевдет Хајредини, не ти мисли лошо кога вели: во оваа ситуација не е добро Албанец да го води Министерството за надворешни .Макар тоа бил и некој, како Османи, кој “не само што говори, туку и размислува, односно ги склопува речениците подобро и од нас етничките Македонци”.
Секоја чест Бујар, но ти немаш дополнителен сенс за чувствата на Македонците. Твоето соопштение беше така избалансирано, “подеднакво да не сетат Власите!” и во Македонија и во Бугарија. Немаш право на тоа, како државјанин на Македонија.
Емоции за емоции, интерес за интерес!
Да, така е во неправедниот свет, во кој, оној што ја затвара вратата е привелегиран во однос на оној кој тропа на истата врата. Но, оваа провокација беше однапред смислена, МНР требаше претходно да реагира, особено што веќе имаше “школа” од претходниот случај во Битола.
И не само МНР, туку комплетната власт. Како тоа премиерот го осудува она што се случи во Охрид, со исти зборови како и министероит за внатрешни? Тие се таму да превенираат да не се случи,да спречат, а не да осудуваат – “по свадба таспсни”!
На оваа дрска провокација не се одреагира на соодветен начин, плодовите уште еднаш ги собра официјална Софија. Наместо да ги сплоти, уште повеќе ги подели македонските политички елити. На провокацијата “се сопнаа” и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
Мицковски повика на поддршка на “Левица”, Пандов и дружината поитаа од Скопје до Охрид да запечелат некој поен, бидејќи Мицкoски однапред кажа дека “сето ова го сработија СДСМ и ДУИ”.
На тоа не остана покусо СДСМ. Истиот ден кажаа дека ВМРО ДПМНЕ изработуваше восочни фигури на Михајлов и фашистичката дружина, тоа е, според нив, “статутарна категорија” на оваа партија, те, сега, немаат право да протестираат, ниту против една ваква очигледна провокација, а камоли да предлагаат закон!?
Замена на тези! И во едниот, и во другиот случај! Демек, да се протестира мирно и достоинствено, тоест – равенка помегу фашизмот и антифашизмот!!!
Ќе лавне по некое куче, ние ќе се расправаме од кој атар лавнало, ама карванот Софија си го тера, си го меле житото, сета вода ја навртува на својата воденица, а Брисел преќутно, или со декларации поддржува. (Крај)
Веле Митаноски