Во Малешевијата помешани чувства за туристичката сезона

Берово, 06.09.2020

Владимир Христов од Сандански, Бугарија е редовен посетител на Малешевијата во време на летните горештини. Го сретнавме на пешачката патека покрај Беровско езеро во друштво на сопругата и мала група пријатели. Вели дека шеста година по ред по десеттина дена поминува во овој крај.

 

Славчо Сирачевски, сопственик на Аурора рисорт и спа центар
Славчо Сирачевски, сопственик на Аурора рисорт и спа центар

-Ова е едно големо природно богатство кое ретко се среќава на Балканот. Не знам дали вие знаете да го цените тоа што природата ви го дала, но гледам дека последниве години во малешевскиот крај, покрај езерото, на Равна река кај Пехчво и на Суви Лаки каде редовно одиме, забрзано се градат нови објекти. Се надевам дека и тие се градат со намера да бидат ставени во функција на туристичкиот развој, а не само за лична употреба. За мене и моите најблиски ова е рај на земјината топка и додека можеме ќе доаѓаме тука. Природата е преубава, деновите топли, а ноќите студени и пријатни за одмор, послугата во сите ресторани е на ниво, на храната не може да и се најде маана, вели Христов.

Но, Малешевијата годинава има помешани чувства во однос на заработката од туризмот кој се повеќе станува носечка стопанска гранка.

Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово
Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово

-Откако се даде можноста туристичко-угостителските капацитети да работат нашите спа центри, хотели, мотели, куќи за одмор се преполни. Тоа, секако, е краток период но подобро нешто отколку ништо. Ваучерите најмногу помогнаа овој крај да биде исполнет со домашни гости и тоа беше еден одличен потег на Владата. Дека имаме поголем број туристи ни говори фактот што нашето јавно претпријатие наместо еднаш, сега двапати во неделата го собира ѓубрето од туристичките населби на Беровско езеро и на Абланица. Сите викенд куќи се ставени во туристичката понуда и од крајот на јуни до денес се полни со гости, вели Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово.

Првиот човек на малата општина на крајот од истокот вели дека годинава општината вложила средства во осветлување на патеката околу езерото.

Викторијан Муцунски, генерален менаџер на хотел Манастир
Викторијан Муцунски, генерален менаџер на хотел Манастир

-Интересот за добивање локации за градба на викендици е се поголем, но земјиштето во нашата општина е главно приватно, а од нас како општина се бараат дозволи за градба при што ние гледаме да реагираме во едно пристојно време, а тоа е нашиот придонес кон развојот на туризмот. Цената на земјиштето се зголемува како резултат на зголемената побарувачка, посочува Пеќевски.

Викторијан Муцунски е менаџер на култниот хотел ресторан „Манастир“ лоциран покрај самиот пат на излезот од Берово кон Беровско езеро.

-Оваа сезона е една од најнеуспешните за нас. Цели 3,5 месеци не отворивме зашто поради короната немавме гости. Од крајот на јуни состојбата се промени, гостите започнаа да ни доаѓат но 45 дена не можат да надоместат тоа што е загуба од долгото неработење. Што и да се случи ќе запишеме година на работа со загуба. Сега, што би се рекло полесно се дише, а ние настојуваме на квалитетен начин да ги задоволиме барањата на нашите гости за идната година пак да ни се вратат, вели Муцунски.

Берово, лето 2020
Берово, лето 2020

Гостите во овој познат хотел доаѓаат и поради храната која почива на вековната малешевска гастрономска традиција.  Се што се принесува на трпеза е од домашен производ.

-Нашите гости ги сакаат јадењата зготвени со малешевскиот компир, печурките собрани низ нашата планината, манастирското сирење, бабината торта. Наш специјалитет е малешевска тава во кукла леб, а сé тука е органско. За гостите обезбедуваме возење на велосипед по планински патеки со водич, посета на музејот, на цркви и манастири со квалификувани водичи, планинарење…Правиме сé за да имаме задоволни гости кои ќе си дадат завет дека и во иднина ќе не посетуваат, вели младиот Муцунски, кој со сопругата и детето пред две години се врати од Скопје да живее и работи во семејниот бизнис во Берово.

 

Хотел Манасстир, 2020
Хотел Манасстир, 2020

Ауроа ресорт и спа центарот е лоциран на самото езеро и има сместувачки капацитет од стотина гости. Тој беше преполн до крајот на месец август.  Ова е култна туристичка дестинација поради местоположбата, начинот на кој е изграден комплексот, спа центарот и големиот базен во кој додека се капете погледот ви лута по пространите шуми на Малешевските планини и на самото Беровско езеро.

-Нема збор дека Малешевијата со секоја година туристички се повеќе напредува. Во Берово, во Аурора, во вилите на брегот од езерото, во хотелите Манстир и Вип веќе има над илјада легла, а интересот за нови градби се зголемува. Во Пехчево е прекрасниот хотел Гогов, капацитетите на Равна река, а тука се и Суви лаки на патот од Берово кон Струмица. Годинава корона вирусот ни направи штета, но од средина на јуни месец наваму работите се сменија на подобро. Ваучерите многу помогнаа, а ако до лани во Аурора доминантни биле гостите од странство годинава тој однос е пола-пола, појаснува Славчо Сирачевски, сопственик на туристичката агенција Аурора турс и на Аурора рисорт и спа центарот на Беровско езеро.

Според искусниот туристички работник цените по легло преку лето се движат од 500 до 700 денари, а се во зависност од викендицата и нејзината опременост.

-Тврдам дека туризмот во Малешевскиот крај доживува процут, тоа најдобро ќе се види кога ќе помине кризата со короната, доказ плус е и фактот што на дневна основа овде доаѓаат луѓе и бараат земјиште околу езерото на кое би можеле да градат викендици но и помали хотели и ресторани. Одличниот стратешки потег на Владата со ваучерите го овозможи овој процут на туризмот кој откако беше тешко ранет од корона кризата сега одново е на здрави нозе, смета Сирачевски.

На Аурора рисорт и спа центарот задоволството се наоѓа во одличната храна, капењето во големиот базен со чистина на водата како онаа за пиење од секој градски водовод и поглед на густите шуми на сите четири страни на светот. Овде посебна приказна е струењето на кислородот кој е четврти по квалитет на светот, малата зоолошка градина, игралиштата за фудбал и одбојка, коњите за јавање, организираните тури за прошетки низ планината…

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе