Во Радовиш простор колку сакаш, библиотеката се задушува во книги

Радовиш, 02.06.2017

  • Библиотеката во ноември слави 60 години постоење, вработените кои се силно посветени на својата работа очекуваат државата да им го даде на користење и првиот кат за да настапи нова ера во радовишкото библиотекарство…

Празен простор од 370 метри квадратни со децении стои неупотреблив во самиот центар на Радовиш, а Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ се задушува во книги на кои не може да им најде соодветно место. Празниот простор е во државна сопственост, тој е всушност првиот кат од зградата во чие приземје е сместена библиотеката. Се работи за простор во кој, на времето, беше сместено локалното радовишко радио кое одамна не постои.

-Во месец ноември оваа година библиотеката ќе одбележи 60 години постоење. Наша желба е како роденденски подарок да го добиеме првиот кат за да можеме уште подобро да ги реализираме нашите и потребите на радовишани за современо библиотекарство, вели Станој Петров, директор на библиотеката.

Станој Петров, директор
Станој Петров, директор

Инаку, во неа се е под конец. Вработените совесно си ја вршат работата грижејќи се за 55.000 наслови и за над 1.000 зачленети читатели. Сепак, поради недоволниот простор, дел од книгите, оние кои се најмалку барани од читателите, се складирани на спратот кој е вон употреба.

Библиотеката е култно место на радовишката култура. Работи секој работен ден од 8-19 часот, а покрај култот кон книгата во неа редовно се одржуваат промоции на книги, изложби, трибини, предавања, работилници. Во неа, од 2010 година, е сместено катчето посветено на познатата оперска певица Милка Ефтимова а се подготвува и посебно катче кое ќе биде посветено на поетот и борец Ацо Караманов. Просечно во месецот има по два такви настани. Библиотеката е во служба ан граѓаните од општините Радовиш и Конче.

-Имаме идеја во дворот на библиотеката да уредиме летна културна сцена на која, преку лето, ќе се одржуваат бројни културни настани. Сепак, најважно од се е да ни биде даден првиот кат, истиот прописно да го уредиме, со внатрешни степеници да ги поврзиме двата ката, со што ќе создадеме многу убав простор за сите наши потреби кои се и потреби на луѓето од двете општини. Живееме во надеж дека просторот кого го бараме со години ќе ни биде доделен во оваа за нас јубилејна година, по што нашата библиотека ќе отвори нова етапа во својот развој, вели Петров.

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе