Локалната штипска власт тргна во градежна офанзива за урбано средување на делови од легендарното штипско Ново село. Се уредува дворното место на ПУ „Ванчо Прќе“ и клон „Росица“ на градинката „Вера Циривири Трена“, со тоа што се врши расчистување на теренот со палнирање и валирање.
-Предвидено е за десет работни дена да се изгради плато и пристапна патека од павер елементи со вкупна површина од 150 m2. Тоа ќе придонесе за подобар визуелен лик на ова дворно место, но и поголема безбедност на децата, на родителите и на наставниците коишто работат овде. За оваа активност обезбедени се 200.000 денари од буџетот на Општина Штип, а истата ја реализира ЈП „Стипион 2011“, рече градоначалникот Благој Бочварски.
Освен уредувањето на дворното место на подрачното училиште, во населбата Ново село деновиве се реализираат и други активности поврзани со уредување на речното корито на река Брегалница од страна на екипите на ЈП „Исар“.
-Пред неколку години во повеќе наврати се случуваше овој дел да се поплави заради немарност и неодржување на коритото на реката, така што со ова уредување се работи не само на естетскиот изглед на коритото, туку и на безбедносните димензии за жителите и објектите во овој дел од градот, посочи Бочварски.