ДЕЛЧЕВО: Во неполни три месеци 22 пожари на отворено
Делчево, 12.03.2019
На територијата на Општина Делчево, во 2019 година имало 36 пожари од кои 22 пожари на отворен простор. Овој податок го пласираше командирот на ТППЕ Делчево, Ванчо Постоловски на денешниот вонреден состанок што го одржа Локалниот координативен штаб за управување со кризи, а инициран од пожарите кои претходните денови беа активни на територијата на Општина Делчево.
Постоловски истакна дека состојбата со пожарите на територијата на општината е алармантна, бидејќи во моментов има уште еден активен пожар во атарот на селото Вирче, а во претходните два пожари изгорена е површина од околу 50 хектари кај Попов Мост и кај Тработивиште, односно борова шума, багрем, овошни насади, нискостеблеста шума.
-Ако се напрви споредба со бројот на пожари во претходните години, кога бројот на пожарите во една календарска година се движел од 19 пожари во 2009 г. до 41 пожар на отворен простор и на објекти во 2018 г, заклучуваме дека состојбата е загрижувачка. Сакам да истакнам дека благовремено се реагираше од страна на ТППЕ и од ЈПШС „Голак“ Делчево, а соработката со надлежните институции беше одлична, рече Постоловски.
На Состанокот беше речено дека е постапено по насоките и задолженијата од 11-та Седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на Република Северна Македонија според кои сите чинители во системот за справување со пожари на отворено и шумски пожари на територијата на Општина Делчево се запознати со своите обврски и задолженија.
Исто така, донесен е и заклучок да се воспостават редовни дежурства во ЈПКД „Брегалница“ Делчево и ЈПШС-Подружница Делчево, а ажурирана е и состојбата со персоналните, материјално-технички и оперативни ресурси на сите сили кои ќе бидат во функција за превенција и справување при евентуална појава на пожар.
Кире Цоневски, одговорно лице во Општина Делчево истакна дека покрај превентивните мерки, против сторителите предизвикувачи на пожари ќе бидат преземени санкции предвидени во законските регулативи на РСМ.
-Исто така, потребно е и зголемување на медиумската кампања со цел подигање на свеста на населението да не преземаат противзаконски активности кои би можеле да предизвикаат пожари на отворено или шумски пожари, а овде ќе истакнам дека последниве пожари констатираа висок степен на комуникација и координација на сите субјекти на локално ниво во поглед на оваа значајна проблематика, истакна Цоневски.
Заклучоците од денешниот Вонреден состанок ќе бидат доставени до сите надлежни институции.
Инаку, во последниве 13 години на територијата на Општина Делчево, а според Центарот за управување со кризи, само од пожари е евидентирана штета од 1 милијарда и 600 милиони денари. Териоријата на Делчево под шума има 24 илајди хектари со загрозеност од прв степен.