Делчево, 30.04.2020
Во Општина Делчево денеска пристигна донација во заштитна опрема од епидемија од пријателот на Делчево, д-р Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање“ од Софија. Донацијата се состои од 2500 заштитни маски, 100 парчиња скафандери и 100 пара заштитни наочари, а таа е дистрибуирана до Општина Делчево во соработка со Амбасадата на РСМ во Софија, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст.
Во услови на пандемија и најавата за серизоната криза во економијата во регионот, д-р Милен Врабевски и Фондацијата со овој чин даваат поддршка на РСМ, посебно на општините од граничниот појас во борбата со пандемијата од ковид-19, а овој чин на Фондацијата претставува продолжување на децениската поддршка на регионот во делот на академскиот развој, но и грижата за здравјето на граѓаните.
Градоначалникот Трајковски изрази голема благодарност до д-р Врабевски и Фондацијата за несебичната поддршка и соработката на повеќе полиња.
– Во услови на пандемија и на криза се познава пријателот. За нас оваа донација е добредојдена и е чин на пријател кој се грижи и дава поддршка во најтешките денови кои ги живееме. Изразувам голема благодарност до д-р Врабевски и Фонадацијата за несебичната поддршка на регионот и на Делчево и верувам дека со вистински пријатели и добра мисла можеме да излеземе победници во борбата со невидливиот непријател, истакна Трајковски.
Донацијата ќе биде поделена на Здравствениот дом, полицијата, ТППЕ Делчево, а маски ќе се поделат по урбаните и емсните заедници.
Донација од д-р Милен Врабевски доби и Општина Струмица.
Д.Такева