Делчево, 25.10.2022
Деновиве започна со реализација проектот за реконструкција на водоводната мрежа во три населби во градот со вкупна должина од 4,5 км. Во моментов се работи на реконструкција на водоводната мрежа во дел од населбата Ново Делчево со должина од 1,8 км, по што ќе следуваат работи на терен во населбата Милково Брдо, каде ќе се изврши замена на старата дотраена водоводна инсталација во должина од 2,3 км, а ќе се реконструира и потисниот цевковод во должина од 450 метри.
Денес увид во работите на терен изврши градоначалникот Горан Трајковски кој потенцираше дека проектот е во насока на комплетна реконструкција на водоводната мрежа во градот.
-Реконструкцијата подразбира замена на старата дотраена водоводна мрежа со пвц-инсталации, што значи подобрување на квалитетот на водата за пиење и елиминирање на загубите на вода, превенирање на дефектите во водоводниот систем, а најзначајно е влијанието врз здравјето на луѓето, рече Трајковски.
ТРАЈКОВСКИ: Со овој потфат го подобруваме квалитетот на водата за пиење, се елиминираат загубите на вода, се превенираат дефектите во водоводниот систем, а најзначајно е влијанието врз здравјето на луѓето
Инвестицијата на проектот е 18,8 милиони денари. Дел од нив во висина од 15 милиони денари е инвестиција преку Министерството за транспорт и врски, а со 3,5 милиони денари учествува Општина Делчево.
Градоначалникот Трајковски најави наскоро и реализација на друг проект, исто така, преку МТВ кој се однесува на реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Солунска“, „Ванчо Прке“ и ул „Острец“ со вкупна должина од 800 метри. Инвестицијата е 3.1 милион денари.
-Со реализацијата на овие проекти, водоводната мрежа во Делчево ќе биде над 90% со пвц-инсталации. Во оваа прилика, сакам да нагласам дека реализацијата на овие проекти и големата поддршка од Министерството за транспорт и врски и од Владата и максималната посветеност се уште еден доказ дека соработката меѓу локалната и централната власт секогаш резултира со инвестиции кои се во насока на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, истакна Трајковски.