07.02.2022
Градоначалникот na Општина Делчево Горан Трајковски и министерот без ресор задолжен за дијаспора во Владата на РСМ, Џемаил Чупи, денеска во Делчево го потпишаа Договорот за отворање Центар за дијаспора во Делчево.
На настанот на кој присуствуваа претставници од Управата за водење матична евиденција, Одделението за управни работи при ОВР-Делчево, АВРМ-Делчево, Фондот ПИОМ-Делчево, Агенција за катастар и Центарот за социјални работи, беше презентиран проектот „Центар за дијаспора“ кој ќе се реализира во 23 општини во државава.
Министерот Чупи појасни како се предвидува да работи овој центар и какви можности ќе создаде, при што потенцираше дека центарот ќе има посредничка улога и ќе помага на нашата дијаспора.
-Центарот за дијаспора ќе има овластувања: да ја информира дијаспората за сите нивни права и обврски за време на престојот во матичната земја, да придонесе за создавање база на податоци за сите здруженија активни во дијаспората, со акцент на економската и научната дијаспора, да се иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората за заеднички проекти и да го дистрибуира огласот за конкурсот на кабинетот на министерот надлежен за дијаспора за финансиска поддршка на здруженија од локалната дијаспора итн., истакна Чупи.
Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од потпишувањето на Договорот со што и официјално Општина Делчево станува дел од семејството општини кои во рамките на Национална стратегија за соработка со дијаспората, ќе отвори Центар за иселеници во рамките на Општина Делчево.
-Водени од фактот што во нашиот крај има релативно голем број иселеници, сметавме дека отворањето на еден ваков Центар ќе им помогне на нашите иселеници посебно во делот на административните процедури и обврски. За таа цел, номиниравме административен службеник од редовите на вработените во Општината кој ќе биде линк меѓу институциите и иселениците. Воопшто, Центарот за иселеници ќе има посредничка улога и ќе овозможи пристап на нашите иселеници до потребните информации, во врска со сите нивни права и обврски за време на престојот во матичната земја и слично, рече Трајковски.