Делчево, 24.10.2018
Започнаа градежните работи за реконструкција на фасадата на старата училишна зграда на делчевската гимназија и инсталација на енергетски ефикасна фасада. Градежните работи треба да завршат за 45 дена, а како што истакна директорот на СОУ „М.М.Брицо“ Љупчо Прачковски, со оваа инвестиција ќе се добие заштеда на енергија и до 30%.
-Ова беше неопходна инвестиција што ќе ни обезбеди потопли училници и подобри услови за настава и заштеда на енергија која би се движела од 20-30 проценти. Инвестицијата е во вредност од 1.500.000 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на СОУ „М.М. Брицо“ и со голема поддршка од Општина Делчево, рече Прачковски.
Тој најави дека е во тек подготовка на кабинет за изведување практична настава по хасап систем за потребите на хемиско – технолошката струка во училиштето. Вредноста на овој проект е 450.000 ден, а кабинетот ќе биде ставен во функција до нова година.