Делчево, 08.04.2019
Ученици и професори од словенечката гимназија „Полјане“ кои деновиве престојуваат во посета на делчевската гимназија, денеска беа на работна средба кај градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.
Тема на средбата беше перспективата која се нуди од оваа соработка и која дава основа за размена на искуства, анулирање на стереотипите меѓу учениците, запознавање со нови култури, но пред сѐ, примена на позитивните практики во образованиот процес. Градоначалникот Трајковски им посака добредојде на учениците и професорите од Словенија изразивајќи задоволство од пријателството што се роди меѓу делчевската гимназија „М. М. Брицо“ и гимназијата од Љубљана, „Полјане“.
-Како градоначалник се залагам да се прошируваат видиците на нашите ученици, да стекнуваат нови искуства и пријателства, да комуницираат со свои врсници од сите страни на светот и да се восприемаат иновативни методи кои ќе придонесат за нов квалитет во образовниот процес. Давам несебична поддршка на овие проекти и во таа насока се и сите мерки кои ги преземаме како Општина во областа на образованието, како што беше Семинарот за роботика одржан во Делчево, Иновативниот камп-натпревар по претприемнички вештини кај средношколците, посета на Европскиот парламент во Брисел и сл, со единствена цел да се подготват младите луѓе за успех во глобалната економија, рече Трајковски.
За професорите од „Полјане“, Среќко Згага и Франц Јакмиќ, соработката меѓу двете гимназии ќе прерасне во традиција.
– Нашата гимназија има традиција во организација на вакви соработки и горди сме и среќни што успеавме да оствариме соработка со училиште од Македонија. Целта е да се разменувата искуства, да се подобрат познавањата на јазикот, да се запознаат со друг начин на живеење, да се запознае нова култура, да се поврзат две држави, рече Згага.
Во посета на Делчево, деновиве престојуваат 18 ученици од гимназијата во Љубљана. Во рамките на посетата е предвидена посета на музејот и на други културно-историски споменици на градот, промоција на македонски филм во кино салата, тематски презентации во гимназијата по македонски јазик, географија, историја, следење на настава во делчевската гимназија, како и посета на Крушево, Скопје, прошетка на планината Голак и на индустриските комбинати „Фротирка“ и „Крзно“.
Соработката меѓу двете училишта започна пред два месеци, кога група средошколци од Делчево престојуваа на еднонеделна посета на гимназијата „Полјане“ во Љубљана. Најавите од двете училишта се дека соработката ќе остане традиционална.