ДЕЛЧЕВО: Утре, 18 март во 18 часот промоција на книгата „Драмче, споменик на едно време“ од Христина Деолска
Делчево, 17.03.2023
И делчевското село Драмче добива книга за себе, својата историја, својот развој, својата судбина. Книгата со наслов „Драмче, споменик на едно време“ од авторката Христина Деолска ќе биде промовирана во делчевскиот храм на културата-националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во 18 часот. Водител ќе биде Родне Деолска, за книгата ќе говори проф.д-р Александар Атанасовски, а настанот ќе го збогатат ЗФГ „Копачка“ од Драмче и Експериментално театарче од Делчево.
Во преговорот на книгата напишан од Миле Ѓорѓијоски стои дека Селото Драмче е како „споменик на времето расфрлан по ридестиот терен на ограноците на Осоговските Планини, во Пијанец. Споменик, врз кој низ вековите се вклесувале многу важни нас-тани од историјата, културата, традицијата“, запиша Ѓорѓијоски.
„Ова не е само обична книга за Драмче. Ова е и учебник по историја, археологија, етнографија, географија…Учебник од кој можете да научите сѐ за почвата, флората, фауната, хидрографијата, релјефот, археологијата, историските настани културната традиција, обичаите, начинот на живот“ стои во преговорот на книгата на Христина Деолска.
Ѓорѓијоски додава дека е доволно човек само еднаш да ја прочита оваа книга и „на лице место“ ќе препознае многу ритчиња, чуки, планински превои, археолошки наоѓалишта… Ќе го препознaе дабот, односно Ѓурѓово Дабје, каде селаните со векови се собирале на селската слава, седнувајќи секогаш на своето место, пред својот „колак“. Таму сѐ уште одѕвонува ехото на тапаните и волшебниот звук на ќемането, небаре слушаш симфониски оркестар, а не само неколку рала тапани, во чиј ритам кршните играорци од многу драмечки маала на чело со Дедо Митко ја раскажуваа приказната за „Копачката“. Со одмерени дви-жења на нозете и телото раскажуваат за радоста, тагата и болката, своја, и на своите предци.
„Затоа, Копачката не е само оро. Тоа е ризница од која блика богатата историја на овие краишта и низ движењата на телата на игроорците, посебно нивните лесни, вешти чекори, зборува за нашиот инает, за нашиот непокор“, запишал авторот на предговорот.