ЕДЕН НАСТАН ДВА ЈУБИЛЕЈА
Годинава , 7 ноември 2017, Друштвото на ликовни уметници од Штип (ДЛУШ) по 50-ти пат ја организираше својата традиционална изложба на Митровден во чест на денот на ослободувањето на Штип. Тоа воедно беше и 50 годишен јубилеј од формирањето на друштвото. Изложбата ќе остане во сеќавање како настан за паметење. Уметничката галерија „Безистен“ беше преполна со уметнички дела и посетители и вака голема посетеност и интерес за настанот немало веќе подолго време во историјата на друштвото.
Изложбата беше овозможена и организирана во целост од директорот на Завод и музеј од Штип, г. Мите Штерјов. Тој во своето обраќање пред присутните нагласи и на дело покажа дека во целост ја разбира потребата од организирање вакви настани кои се значајни за градот. Изложбата беше прогласена за отворена од новоизбраниот градоначалник на Штип г. Благој Бочварски кој го поздрави организирањето на оваа манифестација во рамките на Програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на градот и посака и во иднина оваа традиција да продолжи со истиот интензитет како и досега.
Со изложбата на штипското ликовно творештво на посетителите и сите љубители на уметноста им беше пружена можност да ѕирнат во еден поинаков свет, свет на различни сензибилитети, идеи и креации собрани да ја промовираат својата средина. Самата цел на организирањето на изложбата е придонес за афирмација и континуиран развој на ликовната култура на Штип.
Првата изложба на ДЛУШ беше организирана на Митровден во далечната 1967 година во рамките на одбележувањето на денот на ослободувањето на Штип. Во првиот каталог од изложбата се запишани следните учесници: Драган Биков, Љубица Накова Донска, Љупчо Донски, Мирко Дончевски, Кирил Ефремов, Ѓорѓи Здравев, Томислав Крмов, Мишо Казанџиски, Александар Пецевски, Гоце Стојановски, Иван Сулев и Шандор Керекеш како гост на изложбата.
На годинашнава изложба на слики и скулптури беа изложени делата на авторите: Драган Биков, Љубица Накова Донска, Љупчо Донски, Павле Георгиевски Зуфа, Александар Пецевски, Гоце Стојановски, Тодор Максимов, Трајче Радојевски, Миодраг Јосимовски, Иван Сулев, Мирко Дончевски, Мите Павловски, Александар Смилков, Зоран Малиновски, Марин Коцалев, Виолета Бочварова , Александар Брашнаров, Кирил Казанџиски, Борче Минов, Петре Колев, Марјан Карашов, Горан Карашов, Лазо Китанов ,Маја Бикова, Стојан Трниниќ – Нанче, Стојан Веселинов, Димче Крстевски, Дејан Марков, Никола Панев, Добре Чамушов и Никола Смилков.
Вториот јубилеј беше 50 години од основањето на ДЛУШ (1967-2017).
Основачи на друштвото се: Драган Биков и прв негов претседател, Гоце Стојановски секретар, Томислав Крмов автор на амблемот на ДЛУШ, Љубица Накова Донска, Љупчо Донски, Павле Георгиевски Зуфа, Иван Сулев, Кирил Ефремов, Благој Чушков, Драгица Чекмеџиска и Александар Смилков. Во Безистенот имаше присутни и двајца од основачите, Иван Сулев и Гоце Стојановски, но за жал никој не се сети да ги поздрави и да им го честита јубилејот и 50 годишниот активен труд во друштвото.Инаку од наброените основачи само петмина се живи сведоци на настанот: покрај Иван Сулев и Гоце Стојановски, Кирил Ефремов, Томислав Крмов и Благој Чушков.
Честитки за јубилеите на членовите на ДЛУШ и благодарност со сите покојни членови кои дадоа придонес ова друштво да го одржи континуитетот .
Елена Јосимовска