М.Каменица, 19.02.2020
Македонска Каменица, мал рударски град на истокот од државата, е на најдобар пат да добие државен првак во најпопуларниот спорт на светот, а тоа е фудбалот. Тој пат сосема успешно го изодува женскиот фудбалски клуб САСА, кој на крајот од полусезоната е на прво место во елитната женска фудбалска лига и има одлични шанси да го освои првото место, а со тоа и пехарот на крајот од сезоната.

Најголеми заслуги за ова му припаѓаат на Зоран Златковски, поранешен фудбалер, а денес претседател на клубот и негов тренер. Неговото искуство од фудбалските терени, знаењето и енергијата која ја поседува беа доволен предизвик во рударскиот град во месец јуни, 2017 година, да се формира женски фудбалски клуб.
-Идејата, всушност, дојде од јасно изразената воља на неколку девојчиња да формираме женски фудбалски клуб. На почетокот тргнавме со 26 фудбалерки за денес во сениорска, младинска и пионерска категорија да имаме 70 девојчиња од М.Каменица и од блиските градови кои се бават со овој убав спорт, вели Златковски.
Според тренерот тие и не помислувале дека само по три години ќе бидат прваци на Македонија во полусезоната, а со одлични шанси да го освојат пехарот на крајот од првенството.
-Девојките се силно посветени на фудбалот. Имаат во себе голема одговорност, ги извршуваат сите задачи на тренинг и за време на натпреварите. Тие се многу воспитани личности кои знаат која им е целта и силно се борат таа цел и да ја остварат, посочува Златковски.
За тренерот главна цел не е само да се биде прв туку преку спортот да се влијае на доброто воспитание на девојќите, да бидат личности со силен карактер што многу ќе им помогне во животот.

Ана Димитровска, која има магистрирано на Градежниот факулте при УКИМ во Скопје, е капитен на екпата. За девојќите има само пофални зборови.
-Со фудбалот се „заразив“ уште како дете во моето Делчево кога на отворени простори играв фудбал со мои машки врсници. Играв и во ЖФК Оризари со која екипа станавме државен првак. Сосема сум сигуран дека тој успех сега ќе го повториме и со ЖФК САСА, зашто имаме одличен тренер и исто такви тренинзи кои се разновидни и за нас дури и многу забавни. Ние сме едно големо семејство кое другарува, игра фудбал, тренира, се забавува. Македонска Каменица нека го очекува првиот државен првак и пехарот кој ние ќе го донесем, оптимист е Димитровска.
Клубот со 80 проценти го финансира рудникот САСА, кој и преку овој пример ја докажува својата голема општествена одговорност кон локалната заедница, а помош има и од Општина Македонска Каменица.