Штип, 09.09.2017
- Било модерно, лековито граѓаните да се валаат во кал. Тоа Илчо Нарцисот им го овозможи на штипјани. Со него на чело калта стигна и до штипскиот плоштад. Па кој сака нека повели…
Улици како реки. Кал до колена. Шахти запечатени со аслфалт.
Коцки излезени од под асфалтот на Илчо Нарцисот Захриев ја разоткрија сета бедотија, неквалитет, импровизација на човекот кого го нарекуваат градоначалник.
И порано, при еден сосема мал пороен дожд, со мала, незначителна количина врнежи, Штип не личеше на себе. Така беше и денес. Нема маало, нема улица која не беше под вода и во кал до колена. За центарот на градот и да не говориме. Таму беше и најлошо, најгрдо, најнесоодветно на град-регионален центар.
Ете, тоа денес беше и сеуште е нашиот Штип. Град од забеганата фантазија на Нарцисот кој себеси се доживува како Нерон. Еден ден, еден близок ден можеби и ќе го запали градот! Би рекол дека ние си заслужуваме ваков градоначалник кога со таква милост гледавме како го уништува регионалниот центар и не превземавме ништо. Требаше пред три години да му дадеме шут карта. Да го вратиме таму од кај што дошол. Да биде управител на неговиот рибник. Таму во Ѕвегор, каде никој не сака да слушне за него зашто на селаните им ја зафатил водата од Ѕвегорска река за својот рибник. Таков е тој, мисли на народот, а работи само за себе.
Да, ја проширив темата. Го правам тоа со предумисла бидејќи пак слушам дека ќе му дале исав да биде кандидат за градоначалник. Не на Ѕвегор туку на Штип!?
Па ајде, уште еднаш да го видиме тој расипан филм. Да му дадеме уште четири години па не само што Штип ќе стане пловен, туку можеби речно ќе биде поврзан со Ѕвегор. По што, еден ден неговиот Титаник на пат од родното му село до Штип можеби ќе потоне. Поарно тој со Титаник на дното, отколку Штип во мизерија во каква не бил од 1945 наваму…
Иван Бојаџиски