За две децении Левица ќе биде водечка партија во државата

STOJANOV TRAJCE
Проф.д-р Трајче СТОЈАНОВ

Штип, 23.01.2017

Интервју: Проф.д-р Трајче СТОЈАНОВ, член на Претседателството на Левица

  • Во Левица сме цврсто убедени дека за најмногу дваесет години ќе станеме водечка политичка партија во државата, ќе ја замениме СДСМ а ВМРО ДПМНЕ ќе го испратиме на буништето на историјата

На вонредните парламентарни избори во политичкиот натпревар се вклучи и нов политички субјект, политичката партија Левица. Трајче Стојанов, наш сограѓанин, професор по филозофија на Правниот факултет на УГД е член на Претседателството. Со него разговараме за Левица, изборите, надежите, одлуката да не се оди во коалиција со никого, како и за иднината на партијата.

Г-дин Стојанов, не може да се каже дека Левица не беше присутна во медиумите, но малку се знае за нејзината идеолошка основа и нејзината крајна цел.

Не криеме дека нашата крајна цел е враќањето на социјализмот како вредносна политичка и општествена категорија која му одговара на поголемиот дел на човештвото. Тргнуваме од сознанието дека помалку од десет проценти од луѓето во овој наш свет го поседуваат капиталот и дека јазот помеѓу супер богатите и сиромашните сé повеќе се зголемува како на ниво на граѓани така и на ниво на држави. Ние не мислиме дека од тука, од Македонија ќе го промениме светот, но наше е да се обидиме? Посветено ќе работиме на таа цел зашто сме убедени дека еден ден тоа ќе мора да се случи, иако промените нема да биде така брзо…

Левица е единствената партија која нема лидер. Таму 11 членови на Претседателството раководат со Партијата. Не е ли и тоа нов вид утопија?

Ние во Левица не мислиме така. Ние не ја создадовме Левица за таа да биде авторитарна партија која ќе биде раководена од авторитарни лидери. Ние сме нешто ново во полтичката структура во земјава, организираме сме по хоризонтала, во нашиот статус јасно е запишано и правото на членството на фракции, а една фракција веќе и се јави….На состаноците доаѓаат и фракционерите, ние пристојно си дебатираме, и гледаме низ различитостите да изградиме единство

Која е структурата на Левица? Млади, средовечни, стари, интелектуалци, работници, селани…

Засега доминираат младите до 36 годишна возраст. Има интелектуалци но и работници, земјоделци…Тоа пак не значи дека партијата не е отворена зона и за белите коси, за повозрасните генерации. Има место во Левица за сите кои се согласуваат околу темелните определби, а тоа се социјалната правда пред се и над се и пристоен живот за сите. Сакам посебно да потенцирам дека во нашето претседателство имаме македонци, албанци, турци, роми, срби…Меѓу нив поприличен е бројот на жените. Се работи за разновидна етничка структура, а ние сметаме дека тоа е добитната комбинација за една нормална Македонија.

На последните превремени парламентарни избори за Левица гласа околу 12.300 граѓани. Малку макар и за еден пратенички мандат…

Да, тоа е нашиот резултат на ниво на држава. Кога одлучивме сами  да одиме на избори пред нас си поставивме две цели: првата, да го надминеме цензусот од еден процент за да бидеме партија која ќе има право да биде финансирана од државниот буџет. Таа цел ја остваривме. Втората цел-да станеме парламентарна партија макар и само со еден пратеник не ја остваривме. Но, не тагуваме за тоа, времето работи за нас.

Не сметате ли дека ви беше грешка што не отидовте во коалиција со некоја од големите политички партии. Според Вашата програма повеќе ви личеше за тоа да ја изберете СДСМ. Преговаравте ли за такво нешто?

Да. Со СДСМ имавме неформални разговори, но од таа страна не излезе ниту една понуда иако од наша страна немаше никакво посебно барање освен да учествуваме во рушењето на актуелната власт. Од тој аспект ние ги презентиравме тактиките за кои сметавме дека се најдобри и кои, според нас, би помогнале власта да се делегитимира. Сепак, до конечен договор за коалицирање пред изборите не дојдовме.

Претпоставка е да се помисли дека ваша цел е создавање трета политичка опција. Добар дел од политичките аналитичари ценат дека тоа е неможно, а вашето мислење е…

Ние не мислиме дека трета опција во Македонија е нешто што не се може. Така се говореше и во Грција па се појави левичарската Сириза и бргу ја освои власта. Цврсто сме убедени дека за најмногу дваесет години Левица ќе стане водечка политичка партија во државата, ќе ја замени СДСМ, а ВМРО ДПМНЕ ќе го испрати на буништето на историјата.

Живеете во Штип, во третата изборна единица, а ја предводевте кандидатската листа во двојката. Ви изгледа ли тоа логично?

На прв поглед ќе се рече дека нема логика во таквото партиско решение, но ние претходно вршевме истражувања при што се покажа дека јас лично најголема поддршка имам кај граѓаните во втората изборна единица. Тоа и мене ме изненади, но изборниот резултат покажа дека не сме погрешиле. Имено, во двојката постигнавме втор најдобар резултат како партија, веднаш после резултатот кој е остварен во единицата каде носител на листата беше Проф. д-р Димитар Апасиев.

Ќе добие ли Македонија наскоро Влада, и кој, според Вас, ќе ја прави неа?

Мислам дека ќе добиеме концентрациона влада и дека на есен, однове ќе одиме на избори. Било која од двете големи партии да формира влада таа ќе биде на краток рок, а кризата само ќе се продлабочи.

                                                                        Разговарал: Иван Бојаџиски

Наша крајна цел е враќањето на социјализмот како вредносна политичка и општествена категорија која му одговара на поголемиот дел на човештвото

 Со СДСМ имавме неформални разговори, но од таа страна не излезе ниту една понуда иако од наша страна немаше никакви посебни барања освен да учествуваме во рушењето на власта.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе