Kочани, 23.03.2021
По повод 77-годишнината од смртта на борците од НОВ од Кочанско, Љупчо Сантов и Раде Кратовче, делегации од Општина Кочани, Општинската организација при Сојузот на борците од НОВ и двете кочански училишта што ги носат имињата на Сантов и Кратовче, положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на бистите во Паркот на Револуцијата.
Поради состојбата со пандемијата, редовните активности за одбележување на патроните празници на СОУ „Љупчо Сантов“ и ОУ „Раде Кратовче“ беа сведени на симболично оддавање почит кон патроните.
Љупчо Сантов и Раде Кратовче припаѓаат на активните млади антифашисти уште од почетокот на НОВ. Како младинец од Кочани, Љупчо Сантов учествувал во формирањето на Читалиштето „Искра“, кое станало средиште на прогресивната младина и на симпатизерите на народноослободителното движење.
Раде Кратовче во април 1941 година учествувал во протестите против доаѓањето на окупаторот, а во ноември 1942 година бил затворен поради револуционерна дејност. По излегувањето од затвор, илегално работел на теренот во Осоговието, во селата Вранинци, Речани, Пресека и Главовица.
Љупчо Сантов и Раде Кратовче загинале на 23 март 1944 година во селото Главовица, на падините на Осоговските Планини.