Кочани, 05.04.2020
Општинскиот кризен штаб бара поголемо ограничување во движењето во Кочани
Новите шест случаи на лица од Кочани заразени од коронавирусот беа повод градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев да свика итна седница на Општинскиот кризен штаб.
– Кризниот штаб побара да упатиме писмено барање до надлежните, во Кочани да се спроведат мерките што важат и за Куманово, од понеделник до петок забраната за движење да трае од 16 ч. до 5 часот. Утре ќе побараме од јавниот сектор во целата општина да го искористи остатокот од годишниот одмор за 2019 и првиот дел од 2020 година до 31 мај, онака како што препорача и Владата. Упатуваме апел до сите продажни места, маркети, банки, подобро да ги организираат своите услуги, за да се ограничат можностите за контакт и ширење на коронавирусот – соопшти градоначалникот Илијев.
Во Кочани се евидентирани три жаришта на заразени од коронавирусот, од кои едното е во Зрновци. Од нив, во последните 10 дена имало постојано активни лица. Ризикот за ширење на болеста е голем, бидејќи сите луѓе што контактирале со нив се потенцијални пренесувачи на вирусот.
Според информациите на стручните служби, во моментот во Кочани се евидентирани три жаришта на заразени од коронавирусот, од кои едно е во Зрновци. Од нив, во последните 10 дена имало постојано активни лица. Ризикот за ширење на болеста е голем, бидејќи сите луѓе што контактирале со нив се потенцијални пренесувачи на вирусот. Полициските служби ригорозно постапуваат според решенијата за здравствен надзор и изолација.
Центарот за јавно здравје – Кочани очекува резултати за 60-ина тестови и најавува дека бројот на заразени лица ќе расте рапидно. Паралено, продолжува со идентификација на контактите со заразените за да може да се постапува соодветно.
Матичните лекари уште еднаш потенцираа дека изолацијата на критичните случаи е пресудна, повикаа да нема жигосување и навредливи пораки до заразените лица. Апелираа дека нема ништо ништо срамно во тоа токму заразените, самите јавно да го соопштат тоа, за да знае секој што доаѓал во контакт со нив, како да се однесува понатаму.
Општинскиот кризен штаб беше единствен во апелите за што е можно помалку движење од граѓаните, совесно и одговорно однесување и почитување на препораките и мерките за хигиена, социјално дистанцирање и на забраните за движење.
Љ.Ајтовска