Кочани, 01.02.2018
Она кое за Штип е петок, а за Виница среда тоа за Кочани е – четврток. Пазарен ден. Ден преполн со народ. Продавачи, купувачи, сеирџии, набљудувачи. Кочани си го има својот пазар речиси во самиот негов центар. Лоциран е на потегот од Градскиот плоштад долж улиците „Гоце Делчев“ и „Борис Трајковски“. Откако пазарниот ден ќе заврши ќе се види целата беда од нехигиена. Слика која нема да може да не однесе во Европа.
Покрај нехигиената, на сегашната локација на пазарот се жалат и трговците кои на овие улици имаат свои дуќани, а чија работа во денот четврток е оневозможена од тезгите поставени пред дуќаните. На ова дуќанџиите со години реагираат ама фајде и решение не видоа.
Покрај ова, на Пешачко-трговскиот мост на Кочанска Река, во разрушена и грда состојба повеќе години стои објект чија сопственост докрај не е утврдена, иако се претпоставува дека припаѓа на Република Македонија.
Новото градско раководство е решено да го реши и овој голем кочански проблем. Во таа насока беше и денешната посета која градоначалникот Николчо Илијев, и директорот на КЈП „Водовод“, Андреј Киров како и општинскиот комунален инспектор Александар Велков ја имаа на пазарот. Нивната посета беше за да си дадат одговор на прашањето дали баш тука му е местото на Градскиот пазар.
-Ссметам дека треба да бараме решение за дислокација на Градскиот пазар на место кое ќе ги задоволи барањата на сите страни: на пазарџиите и на купувачите, но и на сите други засегнати граѓани да можат да си ги остварат своите права. Сведоци сме дека сообраќајот и целокупното живеење на овој дел од градот во пазарен ден е оневозможено. Тоа е потврда дека треба да најдеме ново, соодветно решение за нашиот пазар, изјави градоначалникот Николчо Илијев.
Во врска со проблемот со објектот на мостот, директорот на КЈП „Водовод“, Андреј Киров истакна дека „Водовод“ повторно ќе преземе мерки да го исчисти, а овојпат и да го огради.
– Како што постапивме со уредувањето на просторот кај „Турист“, така ќе реагираме и овде, сè со цел да го подигнеме степенот на јавната чистота на повисоко ниво и да го направиме градот уште поубаво место за живеење, рече Киров.