Штип, 28.02.2017
Неодговорноста и самоволието на штипскиот градоначалник Илчо Захариев во случајот со вработените од штипската територијална противпожарна единица, ги чинеше граѓаните на Штип над 90.000 евра. Толкава сума пари мораше да им биде исплатена од буџетот на општината на 40 пожарникари, на луѓе со кои Илчо водеше двегодишен инает и не им ги подмируваше финансиските обврски кои на овие храбри и одговорни луѓе им припаѓаат по закон.
Откако им стана јасно дека со Захариев не се можни ниту разговор ниту договор, дека тој си ја тера работата на инает и спротивно на законот, пожарникарите поднесоа тужба, судот пресуди во нивна корист, а општината им исплати сума од над 90.000 евра, при што поединци добија од 1.200 до 1.900 евра. Секако, парите не се исплатени од џебот на Захариев туку од буџетот на општината, што значи од џебот на граѓаните кои тој буџет го полнат.
Но, според информациите кои пред половина час ги добивме од група пожарникари, утре (01.03.2017) во 13 часот, во ТППЕ – Штип, ќе се одржи голем синдикален собир. На собирот ќе присуствуваат Тони Бошковски, претседател и Боби Вељанов, секретар на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија.
Првите синдикалци на македонските пожарникари во Штип одново доаѓаат поради самоволие на Захариев и негово непочитување на законот. По негова наредба на пожарникарите не им биле исплаќани законските пет проценти плус на нивната плата, кои им следуваат за работа за време на викенд денови. Од државниот синдикат на штипските пожарникари им било кажано дека треба пак да тужат, а со намера добро да се договорат пред да ја поднесат новата тужба против Општина Штип, во овој град на средба и договор со пожарникарите доаѓа највисокото синдикално раководство.