Македонска Каменица, 07.04.2022 година
И оваа година Рудникот САСА продолжува со реализацијата на долгорочниот проект за пошумување. Во најновата акција што се спроведе на 5-ти и 6-ти април засадени се нови 5000 садници од автохтони видови дрва на површина од два хектарa во околината на рудникот. Оваа акција беше реализирана во соработка со ЈП „Национални шуми“ и ЈП „Камена река“ од Македонска Каменица.
„Програмата за планското пошумување е еден од долгорочните проекти за заштита на животната средина која ние во САСА со задоволство ја реализираме и во чија реализација продолжуваме да вложуваме. Со ваквите активности, покрај рекултивација на поранешните јаловишта, се врши и пошумување на околните предели, како и обнова и збогатување на постојниот шумски фонд. На ваков начин, покрај за пејсажното уредување, се придонесува и за заштита на земјиштето од ерозија и се намалуваат ризиците од појава на одрони кои се чести во овие краеви. Воедно, натамошното зголемување на шумскиот фонд придонесува и за одржување на високиот квалитет на воздухот кој е карактеристика на овој предел, како и за ублажување на последиците од климатските промени што има големо значење за одржливиот развој на заедницата и е наша долгорочна цел“, вели Ивица Талевски, директор за одржлив развој на САСА.
Ангажманот и вложувањата на САСА во овој домен ќе продолжи и во иднина преку реализација на сопствени акции за пошумување, како и со учество во заеднички проекти со институции и организации од локалната заедница.